Времеплов - Валцер на битолско Тумбе Кафе и еснафски чамче муабет до доцна во ноќта - Македонија Денес

Времеплов – Валцер на битолско Тумбе Кафе и еснафски чамче муабет до доцна во ноќта

Опомена!!!

Валцер на битолско Тумбе Кафе и еснафски чамче муабет до доцна во ноќта

Во основа Тумбе Кафе како топоним и поим претставува ридско планински предел, сместен на јужниот дел на градот Битола. Има голема значајност за градот, бидејќи е едно од познатите места за рекреација на битолчани. Поврзан е со битолското шеталиште и битолскиот најголем парк. Доколку шетате од Широк Сокак, надолу према шеталиштето, на самиот крај на истото продолжува нагорнина. Од тука влегувате во ридот Тумбе Кафе.

И ова е она што го знае скоро секој битолчанец.

Патем Тумбе Кафе, своевремено како локација имало посебно значење во ритуалите од денот по кој битолскиот еснафлук е познат. Зенитот од својата популарност Тумбе Кафе ги доживеало за Османлиското владеење кога на него и започнуваат првите посериозни архитектонски зафати за практична примена.

Во летните периоди, како топлината од денот станувала спарнина на приквечерието, битолските поимотни староградски фамилии и османслиските чиновници, барале пајтон повеќе, за да фатат што е можно поубаво место на Тумбе Кафе, со поглед кон Битола.

Стои вистината во преданијата, дека добар дел од населението Тумбе Кафе го користело за пикниг т.е. прошетка со јадење, или по турски “теферич” што многумина денес како архаичен збор го користат сосема погрешно. На пример “ќе те качам на теферич” има сосема изместено значење од “ќе те носам на теферич”.

Но на пикниг одело граѓанството. Битолската елита одела на целовечерни забави.
Кој бил на Тумбе Кафе, забележал дека веднаш пред битолската ЗОО градина има патека од камени скали кои воделе до кафаната, која битолчани ја користеа се до почетокот на милениумот. Но тоа е делот кој е “модерен” во приказнава.

Над самата кафана продолжуваат скалила кои водат до еден отворен простор, кој има прекрасен поглед врз Битола и тука е поставена чешма. Е тоа е она Тумбе Кафе, кое еснафска и конзулска Битола го користела за забава и релаксација.

Според раскажувањата, просторот пред чешмата бил поделен визуелно на два дела. На оној кој имал поглед врз Битола, биле масите и столиците каде беговите, агите, валиите, конзулите, но битолските еснаф фамилии уживале до раните утрински часови.

Општо е познато дека одмерувањето на успешноста во трговијата изминатиот ден, но и добрите “бизнис” зделки во Битола во тој период, а не е ништо поинаку ни денес. Се носеле врз убава софра залиена со вино за мажите и разно разни ликери за дамите.

Просторот поназад бил подиум за играње. И не случајно чешмата има гломазни димензии и три “славини”. Имало посебни скалила од нејзината десна страна кои водат над неа, каде бил сместен оркестарот. Вечерите на Тумбе Кафе биле тематски. Традиционална турска но и Европска класична музика.

Битолчани во тоа време, било тоа да се староградски или дојденци, не ги преферирале гласните инструменти. Османлиите пак, го промовирале со нивното доаѓање на овие простори. Битола била град каде музичката основа на песните била свирена на исклучиво жичани инструменти. И логично. Не се пее серенада под прозор со тапан и зурла.

Валцер на Тумбе Кафе

Валцер на Тумбе Кафе е она што го отсликува вистинскиот шмек од постоењето на ова место во Битола. Колку за забава, служело и за мал милион договори и преговори. Како се зборува низ Битола, конзулите првенствено тешко го прифаќале ваквиот начин на “бизнис и политички разговори”.  Тие често траеле до доцна во ноќта но набрзо ја прифаќале реалноста која ја наметнувал градот. Во Битола се знае. Колку побрзо ќе ги прифатиш битолските марифети, толку подобро за тебе оти друга опција и нема.

Пајтонџиите во лето, имале полни раце работа. Немало место каде да се чуваат пајтоните горе, па имало измеќари, деца – потркчовци кои по желби на гостинот трчале до под Тумбе Кафе и викале пајтон.

И самото име не е случајнот. Тумбе е рид и тоа сите го знаеме. А во ноќните седенки најмалку се служело кафе. Но постои легенда дека просторот едноставно се викал Тумбе, што по битоскиот дијалект се именувало како “одиме на Тумбето” или “ќе се качиме на Тумбето”.

 

Абдул Керим паша [1872 – 1923]

Според преданијата “кафе” е додадено како мајтап, што потоа е составен дел од името на ова култно место во Битола, што е исто така битолска одлика на нештата. Имено по една седенка, тогаш битолскиот валија Абдул Керим паша [1872 – 1923] решил да си бега дома и побарал “сиктер” кафе. Истото сакал да го пие додека со пајтон се спушта кон градот.

Стрмнините на Тумбето при секое слегување ги правело коњите несигурни и нервозни. Исто како и пајтонџиите кои не често и во пијана состојба требало да ги вратат гостите во своите домови. Тивко додека зората се зорела врз пелагониското поле, да не пукне брука низ чаршијата.

Наидувајќи на нерамнина во земјениот пат, пајтонот во кој се возел валијата прво потскокнал, со што му го подистурил кафето врз облеката. Во паниката пајтонџијата да ги смири коњите замавнал со камшикот, тие нервозно се исправиле па и кафето и валијата завршиле на патот.

Немите набљудувачи на настанот, со потсмев, но и став го одминувале битолскиот валија, кој бил “бербат” од глава до пети. Како Битола е град каде информациите брзо патуваат. Неколку часа подоцна низ сите битолски чаршии се зборувало како Абдул Керим паша се тркалал по Тумбето. Се истумбал со кафето во раце.

Она што го знае историјата е и дека Тумбе Кафе, во своето постоење имало само еден обид да добие официјално име. Во периодот од 1918 до 1941 година со почесни церемонии па дури и црквени великодостојници. Го именувале во “Александрово брдо” но тоа име никој не го користел никогаш. Само битолчани смеат да си наметнуваат имиња и “прекари” меѓусебно.

Опомена!!!

Поврзани вести

Translate »