Владимир Георгиев – моден фотограф: “И јас имам тенџериња како Џејми Оливер па не се прогласив за готвач. Во светот на фотографијата е битно што си “зготвил” а не во што” - Македонија Денес

Владимир Георгиев – моден фотограф: “И јас имам тенџериња како Џејми Оливер па не се прогласив за готвач. Во светот на фотографијата е битно што си “зготвил” а не во што”

Опомена!!!

МД:Своевремено имате дадено една симпатична изјава дека пред да го добиете првиот фотоапарат омилено нешто би била семејната градина и кактусите кои и не ретко сте ги “позајмувале”. Кога Владимир го добива првиот фотоапарат и како започнува приказната на моден фотограф и интересите кон модата и фотографијата? Дефинитивно професии кои не се секојдневна детска мечта.

ВГ:Кон крајот на минатиот век, поточно осумдесетите години, јас живеев во Кочани и таму одев осмолетка. Не дека не сум видел фотоапарат пред тоа, но не ми претставуваше некој предизвик, се додека татко ми не купи еден “Љубител” од некои Пољаци и го донесе дома. Тука веќе бев осмо одделение. Ова нешто испадна како вицот за сапунот на граница “пени се колку сакаш, сум те плаќал, ќе те јадам”.
Тоа беше средно форматна комплетно аналогна камера со два објективи и се гледаше во неа од горе. Купив црно бел филм и ги следев инструкциите од пакувањето на филмот. Не направив за прв пат ништо посебно, но не беше ни тотална катастрофа. И учењето одеше многу мачно и споро. Немаше тогаш интернет, немаше книги за фотографија, се наоѓаше по некоја брошура и тоа беше се. Памтиш како бил наместен апаратот ако воопшто си запомнил, за секоја поза посебно, па кога ќе го развиеш филмот, и ќе ти ги направат фотографиите, гледаш ако можеш и има што воопшто да се види, каде си згрешил. Како и да е, тука ми влезе чивијата од оваа уметност. Приказната е долга, па ќе се обидам да скратам, во Скопје дојдов од Приштина со работата. Малкумина ја знаат мојата вистинска професија. Јас сум воен музичар. Тоа завршив и тоа работам. Тапанар.
Но бидејќи со распадот на Југославија се распаднаа и парите платата беше мизерна. Почнав тогаш да гледам на хобитo како на нешто што може да продаде корка леб, па почнав со фотографија на разни журки, настани и ревии кое во тоа време ги имаше. Толку беше тоа големо и гламурозно што и ден денешен се спомнуваат ревиите на Лонза, Прима и другите модни куќи од тоа време а тогаш и фотографијата вредеше повеќе и се ценеше бидејќи не секој можеше да го работи тоа, немаше мобилни со камери за селфи а ретко кој имаше фотоапарат. Но никогаш не помислив дека ќе бидам нешто повеќе од тоа. За сите мои успеси се заслужни разни луѓе што дошле и побарале од мене услуга а јас сум ја завршил како што треба.

МД:Својствено на првото прашање имавте и надополнување дека за вас било сосема природно да започнете и да ги шминкате моделите, затоа што како фотограф најдобро знаете што се бара за една фотографија биде издигната на ниво на совршенство. Како започна пак таа приказна за вашата втора професија?

ВГ:Еден ден дојдоа од една модна агенција и ми понудија да бидам нивен фотограф. Тоа беше огромен предизвик за мене но прифатив. Бос во трње. Од фотографирање на ревии, природа инсекти и молњи сега требаше да фотографирам за портфолио. Моето прво фотографирање од таков вид беше не на тренинг, туку веднаш на орото. Ме пратија во Белград да направам портфолија од некои тамошни топ модели. Среќа занаетот го имав и прелистував портфолија непосредно пред тоа. Работејќи тој ден таму ја запознав Тања Кесиќ, која ги шминкаше моделите толку бргу и лесно, што ме воодушеви. Ама ни тогаш ниту посакав ниту ми беше план да бидам и шминкер. Тоа дојде спонтано кога после тоа почнав да работам модни портрети и портрети воопшто.
А за таков вид на фотографија каде што се бара некакво совршенство, тогаш фотошопот беше мисловна именка, а шминката неопходна. И така научив да шминкам, со повремени консултации по телефон со Тања од Белград, каде што и отидов со еден ден купче фотографии за да ми каже што чини, што да поправам, и почнав да шминкам но пак за свои потреби, но се расчу по градот па почнаа и за тоа да ме бараат. Тука се роди соработката со Art Deco, Revlon и Max Factor. Инаку чесно е да се каже и дека Тања ми беше ментор а финти краде од Сергеј и некои пријателки што знаеја да шминкаат.

МД:Сте биле дел од многу ТВ продукции, филмски и фото студија и сте “нашминкале” многу модели но и естрадни ѕвезди и лица од општествениот живот низ вашиот работен век. Кој бил најтешкиот лик или личност за соработка во вашата кариера а кој бил предизвик кој сте посакувале да го имате пред вашиот фотоапарат?

ВГ:Сум работел и надвор од Македонија. Шминкав за Miss Fitness на Европа во Белград. На XXL им бев и шминкер и фотограф на Евросонгот во Шведска. Работев со сите, од ѕвезди до ѕвездички во тоа време, со мене им почнаа кариерите на многу естрадни личности како Тоше, Каролина, Ерзана, Магија, Ребека, Маја Гроздановска и тоа се само оние кои ми текнуваат сега а ги има многу. А со кого ми било тешко да работам? Па неможам да издвојам таков. Но од секогаш ми пречело доцнењето и однесувањето “Како да сум на закачалка”. А такви ги имало многу, што не доаѓале на време или во последен момент се презакажувале за друг пат. Можам да ги издвојам Тоше и Дарио како личности што биле во секунда точни и се било договорено далеку од напред.

МД:Модните списанија се исто така дел од професијата каде се реализирате. Интересен податок е што Владо за разлика од колегите при една соработка не користи многу четки и додатоци за пренесување на шминката на лице, тоа го правевте со раце и прсти. Се работи за техника или едноставно индивидуален начин на работа?

ВГ:Во врска со шминкањето, само еднаш ми се има случено да работам со раце комплет. Да не дојде до забуна со прашањето. Имав закажано шминкање во студио а четките ми беа дома на перење и ги заборавив. Се снајдов, не е проблем. Добрите алатки само ти ја олеснуваат работата, не ја прават подобра. Инаку рацете, т.е. прстите ги користам за нанесување на подлогата, потоа работам со апликатори и четки. Тој начин е најбрз и најчист. Зошто најчист? Затоа што ќе измијам раце и почнувам да нанесувам подлога. Таа е најбитна и е првиот контакт со кожата на лицето. Раце се мијат и се дезинфицираат за минута, а на четката и треба саат време да се исуши. А немам вреќа четки или сунѓери за нанесување подлога, за да секоја биде прв пат користена. Сенките и останатото одат преку подлогата така што не ги гледам толку задолжително стерилни. А во оваа работа покрај квалитетот исто така битна, за некои клинети е најбитна и брзината па така што ако “гори под нозе” сум шминкал и за 15 минути комплетна шминка.

МД:Гледано низ призмата на времето поминато и времето сегашно колку се измениле погледите кон професијата моден фотограф, дотолку повеќе што денес ужасно многу се користат компјутерските – графичките корекции. Имаме ли потреба од нив? Како живеевме без нив? И колку тие треба да ни се само можна помошна алатка а не примарно средство за работа?

ВГ:Интересно прашање ова петтото. Да немаше фотошоп бројот на фотографи ќе беше ист како на времето на филмот, но во оваа дигитална ера, постојат и музичари што не знаат да свират. Кај некои “фотографи” фотошопот е 90% од фотографијата а кај некои само 5%. И пак нема врска, важен е крајниот производ. Е сега апаратот и фотошопот се само алатки. Ни една алатка не работи сама. Колку и да е моќен апаратот фотографот останува да одбере светло, кадар и момент. Е тука лежи зајакот. Преку ноќ стануваат професионални фотографи. Па и јас имам тенџериња на Џејми Оливер, и што? Да се прогласам за кувар? И за фотошопот. И тоа не е за секого. Кога ќе фатат да “пеглаат” како со гребло дупка да направиле, ама нека, тие таленти ми се посебно мили, секогаш слатко си се смејам.

МД:Вие сте еден од пионерите на модната фотографија во Македонија без разлика кој како мислел или што би рекол еден друг мој пријател, кој тврди поинаку лаже и клевети. Каков е денес пазарот но и професионализмот? Што се смени? Што остана исто?

ВГ:Кога ќе го видиш портфолиото на некој фотограф, гледаш со кого си имаш работа. Дали купил апарат затоа што сака фотографија или поради некои други побуди. Ако се фали со туѓи фотографии пак гледаш за каков тетреб се работи. Секој почеток е тежок, додека се набилда портфолиото. Затоа некои се откажале, некои тапкаат на некое мизерно ниво а некои успеале. И воопшто не е лесно да се работи со луѓе. Дури и фотомоделите не се совршени. И тие имаат некои недостатоци кои е добро да не се гледаат. Убав е крајниот производ. Да прикажеш некого во неговото најубаво светло, а од друга страна пак да биде таа иста особа која се фотографирала. Зошто има некои што “забегуваат” па не знаеш кој е на сликата, но има и такви клиенти.
А пазарот, пазарот е претрупан со медиокритети. Како од понудата така и од побарувачката. Се потешко е да најдеш квалитет бидејќи е затрупан со ѓубре. Така стасавме да професионалец е оној што има професионална опрема а најдобар камерман оној што има најгоема камера. И пак се враќаме на моите тенџериња.

МД:Она што е исто така императив во вашата професија е константната надоградба во професијата, учење на нови техники и технологии кои секојдневно втроглаво се менуваат и се тоа чини време и пари но едноставно мора да се следат. Се живее ли денес од вашата професија во Македонија? Често патувате и имате огромен број колеги низ целиот свет. Да се осврнеме на оној т.н. запад. Што е разликата? Каде грешиме? Зошто на запад еден моден фотограф може да заработи за два часа колку што тука може да заработи за еден месец? Ние упорно тврдиме дека држиме чекор со т.н. запад на сите полиња но не и финансиски. Зошто е тоа така?

ВГ:Трендови е добро да се следат. Но тие кај нас доцнат секако, ама нема врска, убаво е да се знае, а за технологијата пак ќе спомнам, сите тие гаџети и нови технологии не ја прават фотографијата подобра, прават само полесно да го постигнеш тоа што си го замислил и ќе има повеќе пиксели. Светло, композиција и момент, тоа или го имаш или го немаш.
За колегите на запад. Се родител на вистинско место во вистинско време. Јас да бев од Париз или Њујорк ќе измислував трендови, но бидејќи сум во Скопје ми останува да ги следам. И со наплатата е исто. Платежната моќ кај нас и на запад е различна. Тој таму си може, има кој да плати, тука истиот со истите цени ќе умре за леб и ќе мора да спушти 10 пати пониско за да преживее. Затоа таму со една или две сесии се купува солиден апарат а кај нас ќе се стегнеш и ќе штедиш.

МД:На што моментално работи Георгиев? Кои се вашите примарни а кои секундарни ангажмани? Кои се проектите кои ги планирате и преку кои ќе ве препознаваме во Новата 2018 година?

ВГ:Последниве неколку години се преориентирав на Stock фотографија. Тоа е светска берза на фотографии, моментално со 180 милиони фотографии на располагање. Тука е конкуренцијата далеку поголема, но никој не прашува со какви тенџериња готвиш туку што си зготвил. Затоа полесно ќе најдете мои фотографии насекаде по светот одколку во Македонија, не дека не работам ништо тука, но многу помалку од порано.

МД:Сосема за крај, кога нема шминка или фотоапарат во рацете, кој е приватно Владимир Георгиев?

ВГ:Инаку веќе 5 години живеам во Сопиште, кое е и блиску и далеку од Скопје, имам двор со многу растенија и цвеќе, животни и на крај, а сепак пред сите овие работи, мојата прекрасна ќерка Ина која има 13 години, преубаво црта и сака животни.

Разговараше: С Н

Опомена!!!

Поврзани вести

Translate »