Валентина Грамосли – актерка при НТ Битола: “Актерот треба да ,,направи,, лик во кој ќе внесе дел од својата душа” - Македонија Денес

Валентина Грамосли – актерка при НТ Битола: “Актерот треба да ,,направи,, лик во кој ќе внесе дел од својата душа”

Опомена!!!

МД:Својствено на форматот интервјуа на самиот почеток би го започнал овој разговор со вообиченото прашање како Валентина се пронајде во невообичаената професија актер? Беше ли тоа остварување на ваша детска мечта или мешавина на талент и желба? Што беше пресудно вие да станете професионален актер?

ВГ:Неможев ни да замислам дека актерството ќе биде моја професија. На прашањето ,,Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?,, мојот одговор беше ,,Инженер!,, И на патот кон остварување на оваа моја детска мечта , поради недостаток на девојки, морав да учествувам во претставата која се подготвуваше во училиштето (ЕМУЦ ,,Тито,, во Охрид). Кога професорите ќе кажат: Мора!!! Нема бегање… Со претставата победивме на регионалната аматерска драмска смотра во Струга ,потоа учествувавме на републичката аматерска драмска смотра во Кочани каде што мене ми беше доделена награда за улогата која ја толкував.Членовите на жири комисијата (професори на ФДУ) ме повикаа на разговор и ми предложија да се пријавам на приемен испит на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Театарската уметност, актерската професија за мене беше сосема непозната, далечна (не сметајќи го моето кратко аматерско ,,искуство,,). Во Охрид (мојот роден град) немаше театар, а немав никој близок кој е од таа бранша (мислев дека тоа е многу важно). Но тие ми открија нешто за кое не бев свесна дека го поседувам, талентот за глума и способноста да се чувствувам комотно на сцената. Уште од многу малечка јас одев на часови по модерни танци, фолклор, свирев виолина и пеев во хорот во нижото музичко училиште во Охрид… концерти, приредби, натпревари, јавни настапи, беа дел од моето детство… На нивно инсистирање, се осмелив да одам на приемен испит, си реков, ако не поминам, ништо страшно, ќе си продолжам по својот пат. Воопшто не беше лесно. Но, успеав, ме примија и на 17 год. возраст јас станав студент на отсекот за драмски актери на ФДУ Скопје. Никогаш не се покајав. Ја сакам мојата професијата.

МД:Верни на ансамблот на Народниот театар од Битола вие сте истовремено гледано од призмата на добрите познавачи на оваа уметност и среќни што творите во градот каде театарската уметност има големо значење но и одговорноста да го оправдате “педигрето” на куќата за која играте. Беше ли Битола ваш избор или имавте можеби друг сон? Што некогаш а што денес значи да си дел од ансамблот на НТБ или тоа е константа?

ВГ:По дипломирањето добив понуда да останам во Скопје и да потпишам договор со Македонски Народен Театар. Но, таа понуда ја одбив, бидејќи уште за време на студиите бев ангажирана во претстави во Народен театар Битола и имав можност да се уверам во квалитетот на оваа театарска куќа. Па, мојот избор беше НТБитола! Од првиот ден кога дојдов во Битола се почувствував како дома. Луѓето, театарот, темпото на живот, значењето на театарската уметност во овој град, близината со Охрид… ми одговараа. И, еве веќе 28 год (26год.- стаж и 2год. – хонорарно) сум дел од ансамбл кој што фунционира како добро уигран тим; имав можност сиве овие години да работам со најактуелните режисери на Балканот и пошироко; да учествувам на фестивали низ светот; да бидам дел од меѓународни копродукциски проекти; бројката на улоги е навистина голема (започнува со 100 и…); наградите ми се како потврда за квалитет и успешен ангажман да се оправда ,,педигрето,, на куќата... Да се биде дел од овој ансамбл е среќа, а успехот на НТБ е константа која, се надевам, ќе трае уште долго…

МД:Валентина вие сте актерско име кои ги помина сите скалила на театарската уметност, па сакале или не веќе сте во онаа генерација која моментално “владее” на штиците што живот значат. Своевремено актерската професија беше прилично ценета и во работниот амбиент но и надвор од него. Што се промени денес?

ВГ:Малку како да се подзаборави кои се носители на дејност во театар. Па, да потсетиме: Актерите!. Актерите се тие кои мораат да го оправдаат и да стојат зад ,,концептот,, на режисерот, да му веруваат во процесот на работа и да продолжат со таа верба да ја играат претставата; да го оправдаат костимот кој е ,,креација,, според тоа како костимографот го ,,замислува,, ликот; да се снаоѓаат како знаат и умеат низ ,,креативните сценографски решенија”; треба да ,,влезат,, во атмосферата на музиката во претставата која е избор или авторско дело на композитор;, да го знаат добро делото и што сака авторот да кажe и во сите овие околности. Актерот треба да ,,направи,, лик во кој ќе внесе дел од својата душа, за на крајот во директен контакт со публиката да биде изложен на критика и според траењето на аплаузот добива оценка. Верната публика која редовно следи театар ја цени актерската професија и доаѓа во театар за да го види својот омилен актер/ка.

МД:Сме имале можност да ве гледаме во различни адаптации на бројни изведби на драмски текстови со што логично е прашањето кој жарн ви е омилен и зошто? Сметате ли дека секој актер сепак треба да си ги знае и можностите за сопствена реализација?

ВГ:Имав можност да се ,,испробам,, себеси скоро во сите жанрови на театарски драмски дела. Има такви кои ми ,,легнале,, и добро пливам во нив, а има и такви каде што сум се изнамачила да дојдам до резултат кој нема да е под моето ниво кое сум го постигнала со досегашната моја работа. Ликовите од делата на Еврипид, Шекспир, Пушкин, Ибзен, Лорка се оние со кои сум постигнала голем успех, но морам да кажам дека многу се опуштам и уживам кога играм лик од Гогољ, Фејдо, Голдони… Се трудам да не влезам во еден досаден актерски маниризам, поуверливо да ги играм ликовите и знаејќи си ги можностите да ги искористам најдобро што маожам. Нималку едноставна актерска задача.

МД:Театарски актер мора да знае и да глуми и да пее и да танцува и се тоа најчесто истовремено. Како излегувате на крај со тој микс на уметности само и само со една цел, да го претставите ликот кој ви е доделен што е можно поавтентично на публиката но и да ги задоволите не ретко острите режисерки решенија?

ВГ:Доколку актерот поседува некакви вештини: пеење, свирење на некој инструмент, танци, јавање, мечување, акробатика… тоа само ја зголемува можноста тој да биде ангажиран во театарски проекти, претстави, па и на филм. Тоа што имам завршено нижо музичко училиште, долги години играв фолклор и модерни танци, добрата физичка кондиција , итекако ми помагаат да се справам со задачата и предизвикот колку што е можно поавтентично да го доловам ликот за кој е тоа потребно.

МД:Валентина живееме во време кога имам прилично широка палета на адаптации на драмски текстови. Дел од нив се оние т.н. традицонални а дел се модерни светогледи на драмските текстови. Сметате ли дека тоа е позитивно за публиката и кои претстави лично ги преферирате?

ВГ:Преферирам претстави во кои режисерот има јасна и директна намера мене како гледач да ме натера на размислување, да ме испровоцира да се запрашам за начинот како живеам, да погледнам каде живеам. Интригантни претстави кои ја одсликуваат состојбата во општеството, меѓучовечките односи… низ еден иновативен театарски јазик, темелен на визуелност, музика и актерска екипа која верува, дава се од себе, да си поигра со моите емоции и да зборувам за претставата барем уште саат време после гледањето. А доколку сум директен учесник, сакам сево ова да го преживеам додека трае процесот на создавање и при секоја изведба. Возможно е, зборувам од лично искуство.

МД:Своевремено НТБ знаеше да изведе и театарско дело во времетраење од два и пол часа со пауза и грандиозни сценографии. Денес нештата од гледна точка на публика се сведени на чести но не секогаш минималистички сценски решенија и адаптации кои се вклопуваат во времетраење од час и половина. Своевремено знаевме дека времето за пауза е време за промени на сцена, денес ни се случува публиката да си замине дома, Валентина дали ерата на големите драмски дела завршува и новата публика бара нови адаптации или едноставно ова е фаза во театарската култура во Битола но и Македонија?

ВГ:За жал, се помал е бројот на луѓето кои одвојуваат време за уметност: театар, изложба, концерт… Некои поради динамичниот живот и трката со времето, а некои иако имаат време, преферираат кафана, ноќни клубови и сл. Убави беа времињата кога салата за публика беше полна и се бараше карта плус, кога претставите траеа по два часа… Но, театарот треба да се менува и да се прилагодува на публиката, да го преферира и да го следи интересот на гледачите… ова е задача на менаџерскиот тим. А фазата низ која минува театарската уметност не е само во Битола и Македонија, туку и пошироко.

МД:Препознатливи сте по актерската игра но и говорот кој е константа без разлика на емоциите или карактерот кој го глумите и тоа ве прави безвремен актер за сметка на оние кои користат дијалект или тикови како личен белег. Ваше мислење, треба да се негува литературниот македонски јазик или сепак повремено зависно од драмското дело може и да се користи дијалект како и тој самиот по себе е јазично богатство?

ВГ:Треба да се негува литературниот македонски јазик! Во театар, дијалектот се користи повремено во зависност од потребата да се одслика или збогати ликот, доколку тоа го бара авторот, режисерот или е креација на актерот. Дијалектот е самиот по себе јазично богатство. Но, не треба да се користи при читање на вести, водење на манифестации и други настани на ниво на држава. Скопскиот дијалект е најраспространет по медиумите. А и ние актерите од ,,другите градови,, треба многу да внимаваме каде го користиме дијалектот.

МД:Нема да ве прашам за омилени улоги или улоги кои сте сакале или сакате да ги одиграте но ќе ве прашам од каде желбата и искрениот пристап кон претставите за деца и млади? Сепак тоа да бидеме искрени во правилно користење на зборот е “најбрутално искрената” публика која постои. Децата не може да ги излажеш. Или ја играш улогата или си им досаден.

ВГ:Точно така, децата се најискрената публика и ако кај нив испровоцираш насмевка, солза, воздишка, да го задржиш нивното внимание, тогаш можеш да кажеш за себе дека успешно си ја завршил актерската задача. Сакам да работам со деца и за деца. Мислам дека само со правење на квалитетни детски претстави ние ќе создадеме публика која ќе биде театарски образована: ќе го знае значењето на театарот, ќе има театарска култура, ќе знае да препознае квалитетна претстава или изведба, а некои од нив ќе ја засакаат актерската професија и ќе станат наши идни колеги.

МД:Сте биле на многу гостувања, како низ светот го прифаќаат Македонскиот театар? Каде сте поминале необично и држиме ли чекор со светските театарски куќи? Во основа финансиски сме далеку но по квалитет нам во менталитет ни е театарската уметност на Балканот.

ВГ:Можам да кажам дека сме во чекор со она што се случува и се работи во театрите на Балканот (Љубљана, Загреб, Белград, Софија), не заостануваме воопшто. Кај нас работат најактуелните режисери од овие простор: Де Бреа, Брезовец, Урбан, Миливоевиќ, Морфов, Абаџиева… А,од земјите каде што сме гостувале со претстави (Австралија, Америка, Русија, Кина, Франција, Италија, Полска, Шветска ,Германија…) ,финансиски сме далеку, тоа е точно, но за нив сме интересни и го привлекуваме нивното внимание со темпераментот и жарот со кој играме. Во трите копродукциски проекти во кои учествував имав можност да играм заедно со колеги од Италија, Шветска, Унгарија, Бугарија, Хрватска, Словенија. Соработката, претставите и патувањата со нив се она што би го издвоила како искуство.

МД:Имаше убав период кој некако се враќа но не со истиот жар кога на претстава се доаѓаше како публика и час и час и половина пред а се остануваше во театарското бифе и доцна во ноќта. Некои тоа го нарекуваа боемштина. Да бидеме искрени често играте во една сезона и по две – три и повеќе улоги, која е тајната да влегувате секојдневно од лик во лик? Колку време треба да се адаптирате и дали по претстава имате некој да го наречеме ритуал затоа што сепак од тој лик по час или два сепак треба време да се излезе и врати во реалноста?

ВГ:Доаѓањето час и половина (два) пред претстава за мене е нормално. Сакам во мир, да се подготвам: костим, шминка, фризура, да го повторам текстот, да си проверам реквизити. Тоа е ритуал со кој ,,влегувам,, во ликот. А после претстава, во зависност од тежината и комплексноста на ликот кој сум го толкувала таа вечер, некогаш се чуствувам како цела енергија да ми ја одзел некој и ми треба одмор, некогаш сакам да си поседам во театарското бифе со колегите и се враќаме во реалноста зборувајќи за актуелните случувања …

МД:Кои се вашите активни ангажмани? Што е во најава за следната сезона? И како актер вие одлично пловите и во филмските води но и ТВ сериите. Сепак не толку доволно колку ние би сакале да ве има. Одлука на продуцентите на истите или ваш став дека театарот е вашата матична сцена?

ВГ:Мои активни ангажмани се претставите во кои играм на мојата матична сцена НУНТБ и детските претстави во кои сум ангажирана во ,,Бабец театар,,. А што се однесува до филмот, сакам да работам на филм, но кастинзите се прават во еден затворен круг на луѓе, се се случува во Скопје и ние актерите од другите градови не успеваме да стигнеме до информација, или сме ангажирани за некои мали улогички. Да се надеваме дека тоа ќе се промени.

МД:Сосема за крај, Валентина Грамосли приватно е?

ВГ:Валентина Грамосли приватно е МАЈКА. Мојот свет се врти околу моите ѕвезди Ана и Марко.

Разговараше: С Н

Опомена!!!

Поврзани вести

Translate »