Сашко Костов македонски композитор, изведувач и музички продуцент: “Многу ми е мило што секојдневно сум окупиран со решавање на звучните проблеми и звучното доловување” - Македонија Денес

Сашко Костов македонски композитор, изведувач и музички продуцент: “Многу ми е мило што секојдневно сум окупиран со решавање на звучните проблеми и звучното доловување”

Опомена!!!

МД:Вие работите на музичката сцена од 1995 година и многумина ве препознаваат како мултиинструменталист. Кои беа вашите почетоци базирани на кои афинитети? Во наведената година сте биле средношколец, од каде желбата музиката да е вашата пасија која преминала во професија?

СК:Мојот прв концерт беше во 1995 година. Тогаш свирев заедно со групата Куќен Совет. Жедта кон инструментите беше голема и така почнав да купувам и да свирам на повеќе инструменти, и затоа денес ми е полесно кога работам сам во студио. Како во средношколските денови така и сега интензитетот кон музиката е ист, само што сега размислувам позрело на работите отколку претходно. Премногу се фокусирав на музиката и сметам дека друго и не знам да работам.

Опомена!!!

МД:Основата на вашиот музички опус е електронска музика во која и не ретко преовладуваат и вокални интерпретации, Костов, зошто токму овој стил и дали сметате дека самиот по себе ви дозволува доволно простор за комплетна самореализација?

СК:Мојот слушачки дијапазон е широк. Треба многу да се слуша музика бидејки таа инспирира во тоа што го создаваме. Како автор на музика секогаш творам различна музика. Тоа е можеби причина зошто повеќе се најдов во театарските води. Што се однесува до електронската музика, таа ми е секогаш супер зошто со нејзе секогаш може да се експериментира и да се создаваат “откачени” работи. Во 90-ти бев член во панк група и свиревме ОИ панк, потоа се појавија бендови како Rage against the machine, тогаш ја формиравме групата Куќен Совет и свиревме кросовер, или како што своевремено викаа дисторзиран хип-хоп. Во 2000 година со групата Баланс, слушавме, свиревме и се инспириравме од германската краут рок сцена, и од тука почнав да ги фузирам алтернативниот звук и електрониката, што значи употреба на синтисајзери, ритам машини. Електронската музика описменува и отвара нови светогледи исто како џезот и класичната музика. Во мојот нов албум ќе се забележи разлика, се ќе биде свирено во живо и има многу малку електроника.

МД:Македонската музичка јавност со вашето име за прв пат професионално се запознава во 2001 година од вашио настап на “Мак Фест” а седум години подоцна националниот медиумски сервис ве прогласува за најдобар соло музичар за 2008 година. Од каде учеството на “Мак Фест” и колку наградите и признанијата влијаат врз творештвото на еден автор?

СК:Од 90-ти бев член во многу гаражни бендови кои немаа друга можнст за настап освен на концертите кои се организираа секој петок во Велес и на Поп Рок фест. Затоа од 95’та па се до 2000-та бев редовен учесник на таа манифестација која тогаш беше една од најглавните кои се случуваа на наша територија. Мак фест беше некоја отскочна даска за самиот себе ако би можел така да кажам. Испратив снимка без никакви очекувања, песната беше примена, и повторно без никакви очекувања влегов во финале и се борев за награда вокална интерпретација. Убаво е да се верува во награди но само во нормални држави, затоа што тие постојат за да ве потсетат дека добро сте работеле, но и да ви напоменат дека треба да внимавате што ќе работите во иднина зошто се очекува повеќе од вас. Јас лично не верувам во мк награди, зошто одамна исчезнаа вистинските мк наградени и мк награди… Тука сметам дека наградите служат за пораст на цената во тезгите во кои се пазариме.

МД:Она по што и ве препознаваме т.е. поврзуваме е создавањето театарска музичка но и музичките проекти. Костов колку е покомплексно да се создава театарска музика за сметка на целосната слобода која авторот ја има кога создава музика за себе?

СК:Процесот на создавање музика на театар е сосема поразличен од она кога работам на сопствен албум. Во моите албуми провејуваат моите мисли, критики и надежи и промени кои сакам да се случат во светот, а додека сум во театар се запознавам со материјата на која треба да работам, а тоа значи треба да знам во кое време сум, која е мојата локација, до мене е морето, езерото, сега сме на брод, утре на копно па авион, и сето тоа e различно да. Ако внимателно истражуваш и го имаш тоа во себе никој не ти ја брани слободата во креативноста. Многу ми е драго што секојдневно сум окупиран со решавање на звучните проблеми и звучното доловување.

МД:И не ретко сте биле и на турнеи особено низ Европа каде вашиот музички креативен правец е нешто поблизок до публиката. Се нижеа Полска, Холандија, Германија, Швајцарија, Словенија, Бугарија, Србија … Со оглед на вашето искуство каде публиката најдобро го прифаќа вашето музичко творештво а каде тоа поминало како низ “иглени” уши?

СК:Секаде, каде и да сум имал концерти, сме поминувале многу убаво со бендот. Позитивни критики и покани за наредни концерти.

МД:Костов колку во Македонија имаме соодветна публика надвор од музиката која ја создавате за театарската уметност? Во основа колку вашиот музички правец е и комерцијален и дали е можно без дополнителни ангажмани да се живее достоинствено како уметник?

СК:Музичкиот правец кој го создавам е далеку од комерцијален, но не е и жанр кој не би можел да се врти по радијата и телевизиите. Доколку работам само авторска музика не би можел да живеам пристојно од издавање на албуми и концерти кои ќе ја промовираат мојата музика. Искрено немаме никаков пазар, па затоа и знам по дифолт дека ќе треба да “завртам” уште неколку други проекти и некако да се “спровирам” за да преживеам. Во Македонија има прекрасна публика која знае да го почитува твојот труд. Свесни се дека треба да си купат карта а не да посегаат по гратиси. Многу често се прашувам кога ќе престане игнорирањето и неупатеноста од страна на водителите, новинарите и продукциите на радијата и телевизиите кон артистите кои создаваат специфична и квалитетна музика. Јас тука не гледам проблем, но очигледно емитувањето претставува голем проблем.

МД:Активно работите во велешкиот театар. Како оди конципирањето на едно музичко дело кое за лаик е само пропратен “фон” кој оди во деловите кои немаат текст иако неговото значење е огромно? Се преговара со идејата на режисерот, се следат инструкциите или секогаш уметничкиот личен доем е оној пресудниот?

СК:Работам секаде во театрите каде ме канат за соработка. Досега имам сработено над 20 претстави. Повеќето се во Македонија, Велес, Скопје, Куманово, Струмица, Првата претстава ми беше во 2010 во велешки театар. Досега имам работено на 2 претстави во Романија, февруари заминувам за Сеул – Јужна Кореја и таму ќе работам на нова претстава. Се разбира дека инструкциите и соработките со режисерот претставуваат размена на идеи кои се во различен сектор но на крајот се спојуваат како целосно пакување.

МД:Што за вас лично претставува продуцирањето театарска музика? Ќе се согласите дека сепак е музичко дело или дела кои сакале вие или не мора да се вклопат во комплексноста при реализацијата на драмското дело кое треба да биде обработено?

СК:Како што кажав и погоре, зависат многу фактори за тоа каква ќе биде музиката и што ќе кажува.

МД:Ваша лична проценка со оглед на минатиот труд во сферата на македонската музичка сцена. Им даваме ли доволно внимание и почит на македонските композитори во Македонија денес и каде можеме и повеќе и подобро?

СК:Па сметам дека не се посветува доволно време, внимание и почит зашто во последно време јас и другите артисти повеке се промовираме сами себе на социјалните мрежи отколку да биде тоа како што е нормално во сите други земји. Исто сметам дека новинарите не превземаат ништо, во смисла на истражување, слушање на музиката. Треба да се продуцираат повеќе тв шоуа и радио емисии на кои ќе бидат присутни бендовите кои творат музика која е поразична од нашето клише поп.

МД:На кои проекти работите моментално и во периодот кој следи, до крајот на годинава но и кои се вашите подолгорочни планови?

СК:Секојдневно сум во моето студио, моментално работам на мојот нов албум кој би требало да се појави во почетокот на 2018 година. Задоволен сум од она што го постигнав работејќи. Ова ќе биде далеку поразличен албум од она што го имам работено до сега. Автор сум на целиот материјал, текстовите ги пишуваме строго на Македонски, заедно со Ана Стојановска, Во албумот како гости се појавуваат: Антоније Аранѓеловиќ – клавијатури, Славчо Пеев – Бас, Александар Ристовски – Принц – гитара, гостин на една песна, и новитет кој деновиве посебно се радувам е новата соработка со еден од најдобрите тапанари Михаил Парушев, тој гостува на една песна. Како тапанар многу се радувам кога ќе дојде некој со подобра идеја и ќе ми отвори нови хоризонти за тоа како би требало да звучи мојата песна. Штета што порано не се најдовме, па да гостува на целиот албум, но тоа во иднина.
Оваа година добро пропатувавме со претставата Шумата на моето дрво во режија на Александар Ивановски а во нејзе играме Јас, музика во живо, на инструменти од отпадни и рециклирачки материјали и Васил Зафирчев како актер. Оваа претстава освои прво место за најдобра претстава на фестивалот Бабел во Романија. Исто така настапивме на фестивалот МОТ во Скопје и настап на фестивалот СТ Бомб во Сеул – Јужна Кореја.
Во преговори сме со повеќе фестивали за наш настап и сигурен сум дека со оваа претстава не чекаат големи постигнувања и што повеќе гостувања по светот. Само едно знам, а тоа е дека наредната година ќе бидам зафатен со промоција на мојот нов албум, соработката продолжува со Мугер Фугер и се надевам дека ќе продолжам да работам пак со полна пареа на компонирање на музика за театарски претстави и филмови.

МД:Кој е Сашко Костов приватно. Кога музиката иако како уметност не може да се одвои но се става на пауза. Што е ваша пасија која ве надополнува во целост но и што е ваше хоби кое ве опушта од бремето на времето во кое живееме?

СК:Знам да поминам цел ден пред шпоретот и да готвам, да одам на планина, море, а најубаво чувство ми е кога правам прошетки и кога ќе си го гушнам мојот 2 годишен син Олег.

Разговараше:С Н

Јане Дунимаглоски – оперски пејач и хорист: “Волшебството во хорското пеење, покрај тимската работа, е дишењето заедно!”

 

Опомена!!!

Поврзани вести

Опомена!!!
Translate »