Постои едно зелено царство, каде среќата на кучињата е на прво место, а каде ако не во Av Av happy dog park! (галерија) - Македонија Денес

Постои едно зелено царство, каде среќата на кучињата е на прво место, а каде ако не во Av Av happy dog park! (галерија)

Опомена!!!

Нашето мото е – Кучето е за цел живот, ни раскажаа Наде и Михаела во интервјуто за Македонија Денес.

МД: Девојки кажете ни како дојдовте токму до оваа брилијантна идеја?

Наде: Едноставно нашата идеја потекнува од љубовта кон кучињата. Уште од најмали години сме воспитувани и растени да се грижиме за животните и за животната средина. Последниот џепарлак го издвојувавме да помогнеме на некое напуштено или рането куче. Но, растејќи и гледајќи што се случува во нашата околина, со Михаела сфативме дека нешто мораме да преземеме за да ја подобриме истата. Па така нашата  љубов и желба да им се помогне на овие прекрасни суштества,прерасна во преземање на одговорност и со многу внесена енергија се претвори во еден иновативен Ав Ав парк.

Ав Ав парк

МД: Како дојдовте од идеја до реализација?

Михаела: Како што и претходно спомна Наде, се започна со многу желба и љубов кон кучињата. Но, решивме дека целата наша енергија и знаење мора да ја насочиме и да најдеме начин како да го реализираме овој проект.

Започнавме практично од нула, со голема нива, без струја и вода, а потоа со многу труд од наша страна, како и од страна на нашите најблиски тоа парче нива го претворивме во Ав Ав парк.Тука се е направено рачно и од рециклирани материјали, бидејќи  исто така се залагаме и за почиста животна средина. Сфативме дека за да направиме промена, мора да поставиме пример, па така ги испразнивме подрумите и се фативме за работа. Сега луѓето кога ќе дојдат се воодушевуваат на тоа што се може да се направи од рециклирани материјали.

Ав Ав парк

Наде: Би сакала да додадам дека Ав Ав паркот не е само бизнис модел, со бизнис единици како кафуле, фризерница, пекара, пет шоп и сл. Напротив ова е само начин преку кој би успеале да ја реализираме нашата социјална идеја, односно наместо само да се работи за профит, се вреднуваат и социјалните и општествените вредности.

Како социјално претпријатие 10% од профитот од Ав Ав ќе биде дониран на сите оние кутриња на кои им е потребна медицинска помош и храна, а притоа ова на најтранспарентен начин ќе биде прикажано на нашата веб страна.

Михаела и Наде: Мораме да ја спомнеме и помошта што ја добивме и од општествено одговорни компании, најпрво од Кожувчанкакако генерален спонзор,а потоа и од останатите како што се  Фејдом, Винка Виница, Цујо, АлфаАудио, Иноватива, Глобал сецкурити и транспортното претпријатие Ерутранс Н  кои помогна со објектите и рециклирани материјали за паркот.

Ав Ав парк

МД: Раскажете ни што се нуди Ав Ав паркот?

Наде: Тргнавме од идејата „Среќно куче, среќен сопственик, среќна заедница“ Па затоа во Ав Ав паркотнајпрво има голем забавен парк во кој кучињата можат да трчаат, да ги прават сите вежби, да се социјализираат,  да играат со играчки (ги имаме во најразлични форми и големини) и се разбира да се капат во базенот. Исто така додека кучињата се во забавиот парк, сопствениците можат да се освежат во кафулето. Во самиот комплекс постои и фризерница за кучиња, која целосно се грижи за изгледот на вашето куче, додека вие сте во кафулето. А се разбира тука е и пекарата за подготвување на свежи и вкусни десерти за кучињата. Би сакале да нагласиме дека влезот во Ав Ав паркот за вас и вашите кучиња е бесплатен.

 МД: Градинка за кучиња? Звучи забавно, како изгледа тоа?

Михаела: Да, нашата градинка, односно дневниот престој за кучињата е навистина нешто многу посебно и забавно. Начинот на кој функционира градинката се состои од тоа што најпрво тимот на Ав Ав парк доаѓа до вашиот дом и го зема вашето кучеи потоа го носи во Ав Ав паркот, каде престојува од 09 до 17ч.  Во градинката кучињата си играат на рампите за агилност, во базенот и се учат на основните команди и социјализација со други кучиња, притоа им се нуди целосна љубов, грижа, нега и се разбира многу десерти. Сите кучиња се под постојан надзор од страна на тимот на Ав Ав.

Градинката во Ав Ав работи исто така за време на викенди и празници, па затоа веќе не мора да чувствувате грижа на совест кога одите некаде на еден ден за време на викенд, или на празник, бидејќи вашето мичениче ќе ужива со тимот на Ав Ав и своите пријатели.

Ав Ав парк

МД: Спомнавте едукативни програми, објаснете ни нешто повеќе за истите?

Наде: Со отварање на Ав Ав паркот, имавме идеја не само да отвориме забавен парк за кучиња, туку и да ја смениме реалноста и да креираме една нова, каде ќе изградиме подобар свет за нашите кутриња. Па тргајќи од таа размисла сфативме дека преку едукативните програми можеме да промениме многу работи. Осмисливме голем број на едукативни содржини а кои веќе изготвивме брошури кои се на располагање во паркот, а програмите во иднина ќе бидат финансирани од АвАв центарот, а дел од нив се: Правила за однесување во јавен простор, Одговорно сопствеништво, Основни правила за однесување со куче, Законски обврски, Важноста на стерилизацијата,  Едукација на кучињата за добро однесување, едукација на најмладите како идни одговорни сопственици на тема „кучето е за цел живот”.

Ав Ав парк

МД: Слушнавме дека во Ав Ав се организираат настани?

Михаела: Токму така! Во Ав Ав постојано се организираат настани за милениците, како и за сопствениците. Секој петок правиме after  work party, каде сопствениците можат да се опуштат од напорната недела, а пак милениците да играат и да уживаат со останатите пријатели. Организираме настани за вдомување и посвојување на кучеца, а се разбира и прославуваме родендени за нашите крзнени пријатели.

МД: Кои се вашите следни чекори?

Наде: Најпрво е целосно разработување на Ав Ав паркот со сите бизнис единици како кафулето, фризерницата, пет шопот, пекарата, градинката…А притоа и воведување на нови бизнис единици како што се тренинг центарот, хотелот и сл.

Но, нашата визија се стреми кон уште нешто многу повисоко, односно да прераснеме во едно национално социјално претпријатие кое ќе продолжи да креира еден сосема поинаков и подобар свет за сите кучињата. Отворени сме за соработка со сите невладини организации и млади креативци, граѓани….кои ја поддржуваат оваа иницијатива.

Изјави од сопствениците на милениците:

„Ав ав хепи дог е местото кое конечно му беше потребно на нашето Скопје. Место создадено со многу љубов која се чувствува преку позитивната енергија на тимот и персоналот кои се грижат за истото. Едноставно уживање во секој поглед: разиграни миленичиња, насмеани сопственици, беспрекорно уживање. Она што ми остави најголем впечаток е одржувањето на доги паркот од секој можен аспект: услуга на највисоко ниво, безбеден простор за милениците и секако одржување на хигиена што е најбитно кога станува збор за дружба соживотни.Топло препорачувам тие што го немаат посетено истото во најбрзо време да го направат и да му обезбедат на своето милениче неколку часовно уживање. Од друга страна, оние кои уште не се одлучиле за милениче ги повикувам да го посетат паркот за да ја почуствуваат љубовта која неизмерно ја даваат животните. Ви благодарам за гостопримливоста и секако се гледаме во АВ АВ ХЕПИ ДОГ“ – Нина Ц.

„Конечно место во Скопје какво што немало до сега! Место каде што конечно можеме да ги носиме нашите миленици во една прекрасна атмосфера опкружена во преубава природа за играње, уживање и одмор од секојдневниот живот со прошетки на Скопскиот асфалт.Секако голем плус е и менито со најразлични вкусови направени специјално за нашите миленици.“ – Елена Б.

„На нашиот француски булгог  Ефе штом му спомнеме дека ќе одиме во Ав Ав паркот, толку се радува што едвај успеваме да му ставиме ремче околу вратот. А се разбира најтешкиот дел е кога доаѓа време да си заминеме од Ав Ав, тогаш мораме сите финти да ги употребиме за да го внесеме во кола.“ – Е.С и Л.П.

„Место каде можете да се опуштите и изиграте со својот миленик, одличен амбиент и креативно осмислен концепт за социјализација и забава на милениците и сопствениците. Едноставно местото ве прави да се чувствувате  како една голема фамилија“. – Верче

„Презадоволни и благодарни на тимот на Ав Ав паркот. Најпрво поради искрената љубов, беспрекорна нега и грижа која му ја даваат на нашиот Балдер. Кога тргнавме на одмор Балдер постојано цивкаше тажно и покрај тоа што беше оставен со нашите деца. Но, кога се вративме не пречека среќно куче, бидејќи Балдер секојдневно ја посетуваше градинката на Ав Ав, каде се грижеа да биде задоволен, изигран и најаден“. – Билјана Пашариковска и Александар Масевски. 

Леа Павловиќ

Опомена!!!

Поврзани вести

Translate »