Почетоците на развојот во индустријата во Македонија започнал во Битола и битолско - Македонија Денес

Почетоците на развојот во индустријата во Македонија започнал во Битола и битолско

Опомена!!!

Битола како дел од Румелискиот вилает била главен град од Европска Отоманска Турција кој прв ги вовел скоро сите индустриски развоји технологии достапни во тоа време. И тоа не било случајно. Солун бил прилично битен град, но Битола била Европското лице на Османлиите.

Битола
Првите почетоци се во индустријата во Битола и битолско, како отсекогаш се избегнувало градењето на т.н. индустриски објекти во централното јадро на градот па најчесто тоа било во околните населени места. Тие се воедно и зачетоците на Македонското индустриско производство воопшто.

Првото индустриско претпријатие во Битола и битолско е текстилно трикотажната фабрика која е изградена 1883 година во село Дихово и се змета за една од поголемите текстилни фабрики во Европска Турција. Истата уште за тоа време била акционерско друштво на пет трговци од Битола. Фабриката функционирала на воден погон користејќи ја водата од диховскиот Драгор. Во случај на недостиг на вода преку летните месеци истата располагала и со резервен парен погон. Производствениот процес бил поставен на сосема модерна база во четири погони, предилница, ткаечница, одделение за бојадисување и сушилница. Главна суровина била волната од домашно потекло иако не ретко се увезувала и волна од Англија.

Битола

Претпријатието располагало со фасцинантни 461 машина од кои 10 автоматски машини за штофови, 200 машини со стар систем за штофови, 200 машини за плетење на гајтан, 4 чешла за волна, 40 машини за плетење, 1 машина за разврстување на волната и 2 парни преси за шајак.

Во фабриката биле вработени над 500 работници кои работеле во смени а произведувале шајак, чоја, појаси, гајтани и трикотажа [фанели и чорапи]. Фабриката така работела се до 1915 година кога бугарските окупатори ги демонтирале машините и ги пренеле во Бугарија.

Второто текстилно претпријатие е фабриката за штофови и гајтани чиј сопстеник бил извесен Пикулис и била сместена во село Магарево. Ова претпријатие е основано во 1890 година како занаетчиска работилница. Располагало со мала предилница за предиво за сукно со 140 вретена, 3 механички и 30 рачни разбои, 2 валавници, рачна преса, машина за влечење и бојаџилница. Произведувало штов, каиши, гајтани и појаси. Користело во 80% домашна волна а остатокот го увезувале од Европа. Вработувало 80 работници. За време на првата светска војна едноставно прекинало со работа.

Битола

Првото претпријатие за прехрамбена индустрија е основано како работилница за бомбони и локуми од страна на Петар Герасимов во Битола во 1883 година. Производството било занаетчиско и примитивно без машини. Подоцна се набавени машини со што производството се зголемува а со тоа се зголемува и асортиманот на понудени артикли. Вработувало околу 50 работници со дневно производство од околу 2.000 килограми бомбони и локуми. За време на првата светска војна објектот е оштетен по набрзо е саниран и продолжува со производство.

Почетокот на мелничката индустрија во Битола и Македонија е претставен со изградбата на автоматската мелница “Драгор” од страна на Исмаил паша во 1902 година а била лоцирана во непосредна близина на железничката станица. Располагала со 6 цилиндри, а нејзиниот капацитет изнесувал 15 тони за 24 часа односно 2 вагони во едно деноноќие. Истата работела се до 1908 година. Во 1906 година се пристапи кон изградба на нова парна мелница во Битола со цел да се произведува брашно за турската војска.

Во 1860 година швајцарска трговска куќа од Цирих започнала изградба на две фабрики во Битола. Едната за пиво и шпиритус а втората за прочистување на масло за јадење но тие доживеале банкрот и пред да започнат со производство.

Битола

Првата пиварница во Македонија е подигната во 1890 година во месноста Буковски лозја во непосредна близина на Битола. Пиварницата работела пет години кога поради недостиг на капитал, квалификувана работна рака и конкуренција од страна на пиварата во Солун престанала да функционира. Некоја година пред 1900 во село Магарево – трново е изградена нова пивра, но од сеуште непознати причини таа никогаш не била пуштена во производство.

Има податоци дека фабрика за пиво во Битола имало и некаде кон 1904 година но ништо подетално околу спецификациите, машините и работната рака. Она што се знае е дека за потребите на пиварниците отсекогаш било организирано посебно призводствено одделение за мраз во село Ореово.

Во 1897 година воБитола работеле уште 8 хидраулични мелници со модерна опрема додека евидентирани се околу 25 активни мали мелници во Битола по течението на реката Драгор. Всушност во периодот 1870 до 1990 година евидентирани се 257 воденици во Битола и битолско.

Битола

Првата печатница во Битола била отворена 1884 година како Вилаетска печатница. Втората била изградена 1894 година и била приватна сопственост на браќата Јован, Петар и Васил Пили. За време на младотурската револуција во 1908 година во Битола се отвораат уште две приватни печатници кои печателе весници и други материјали. Петтата печатница во Битола е отворена во 1913 година.

Како резултат на развиениот занает со обработка на кожи со над 20 работилници кои ја работеле оваа дејност во 1901 година се отвора и првата фабрика за преработка на кожа. Фабриката била во приватна сопственост на браќата Сотирови. Како кожата сеуште не била толку експлоатирана тоа било мала работилница со само 12 вработени.

Битола

Почетоците на индсутријата за градежен материјал во Битола започнала преку фабриката за тули и ќерамиди на браќата Иванови. Истата како официјален производствен погон а не занаетчиска работилница е изградена 1910 година со модерни инсталации и машински погон од 36 коњски сили. Дневно прозиведувала 8.000 ќерамиди од модерен тип додека на годишно ниво тоа изнесувало околу 1 милион тули и 400.000 ќерамиди. Меѓутоа поради немање суровина и конкуренција претпријатијето престанало со призводство на ќерамиди во 1925 година и продолжило да произведува само тули но на примитивен начин.

Во 1890 година во битолскиот вилает отворена е и работела и првата мала фабрика за производство за сапун која била единствената хемиска фабрика со сите техничко технолошки машини во регионот.

Во 1840 година се грарадат и првите пилани во Мариово. Тоа на почеток биле примитивни планински пилани често именувани и како “чаркови”односно поточари затоа што погонот им бил на вода. Во мариовскиот регион по планините битолските трговци имале 8 пилани додека за потребите на познатиот битолски трговец Петелан околу 130 работници работеле во првата фабрика за производство на дрвен ќумур. Првото индустриско претпријатие за преработка на дрво се јавува во Битола во 1870 година. Било тоа фабрика за намештај со погон на гасен мотор во која работеле 35 работници.

Битола

Од оваа временска перспектива по овие истражувања и податоци може слободно да констатираме дека Битола во периодот од 1865 до 1915 година имала 30 индустриски претпријатија кои за прв пат занаетот го подигнале на повисоко ниво на производство и скоро сите биле пионери во сопствената индустрика гранка во регионот од Цариград преку Солун па се до Белград.

Но за време и по првата светска војна во Битола се отвораат фабрички погони за производство и во другите индустрии. Па така се отвораат уште три фабрики за текстилна индустрија. Мелничката индустија ги добила своите први машински погони. 1924 година е основата првата фабрика за сапун на браќата Ефрем и Илија Ризеви, истакнати трговци од Битола а следната 1925 година се отвора и втора чии сопственици се Витал Фараџи, Пардо Јуда, Арон Леви.

Битола

Првата електрична централа е основана како командитно друштво од 7 члена во 1924 година. Имала дизел мотор од 210 коњски сили а во 1927 година биле инсталирани уште два дизел мотори едниот до 210 другиот со јачина од 100 коњски сили. Во 1930 година погонот се пренаменил на производство со согорување на дрво а годишно призведувал 300.000 киловат часови електрична енергија а вработувал над 30 работници.

Првиот Монополот за тутун е изграден во 1923 година и бил најголемото претпријатие во Битола и пошироко со просечно редовно вработени 581 работник плус уште 200 вработени кога била сезоната за откуп. Првиот магацински простор зафаќал првршина од 5.350 метри квадратни и дополнителен складишен простор за сол од 1.966 метри квадратни а биле изградени во 1930 година. Во просек годишно се откупувало и преработувало околу 500 тони тутун.

Автор: С.Н. 

“Битола, бабам, Битола” воопшто не е метафора, туку порака

Опомена!!!

Поврзани вести

Translate »