Пламенка Трајковска – виолинист - мали камерни состави: “Ние сме нација која e благословена да препознава одлична музика” - Македонија Денес

Пламенка Трајковска – виолинист – мали камерни состави: “Ние сме нација која e благословена да препознава одлична музика”

Опомена!!!

МД:Вообичаено публиката кај нас со класичната музика и достигнувањата во оваа уметност има допир преку официјалните институции и концертите кои се организираат. И тоа би било во основа се. Од каде вашата идеја за концептот на мали камерни состави?

ПТ:Камерната музика има особено и посебно значење за општата музичка култура. Како професионален музичар и професионален музички менаџер кој во македонски рамки развива нови музички концепти ја разбирам сосема улогата на малите камерни состави. Камерната музика ја има улогата на малите претпријатија во општествената економија односно таа може и треба да биде носител на иновациите, новите организациски решенија, креативноста. Камерните состави можат брзо да реагираат на новите музички трендови во класичната музика и да ја распростануваат класична музика во помалку развиените музички средини бидејки се помобилни од големите ансамбли. Улогата на камерната музика во музичката едукација исто така има огромно значење.Тие се посоодветни и за меѓународните претставувања и културната дипломатија.

За жал кај нас нема стратегија за развој и унапредување на класичната камерна музика и од тие причини општата публика нема информација за на пример најпознат македонски гудачки квартет. Нема фанови на камерна музика. Уште еден важен сегмент на камерната музика е споделеното музичко размислување кое е феномен кој се развива кај мали музички состави кои интензивно заеднички работат повеке од пет години.

Отсуството на стратегијата на националното ниво резултира да имаме мал број камерни состави кои годишно реализираат мал број на концерти.

Поаѓајки од сите овие состојби јас формирав музичко јадро со околу 15 музичарки кои работат под едно заедничко име Пламенка Трајковска – мали камерни состави. Во рамките на организацијата се формираат различни камерни состави како гудачки квартет, трио, гудачки секстет и мал камерен состав. Концептот на пласирање на камерна музика го превземав од современите концепти кои ја прават класичната музика приемчива, непосредна, неофицијална сосема достапна. Одличниот концепт, спремната екипа и одличната организација ни донесе 120 настапи во 2017 година и огромен број на фанови и музички пријатели.

МД:Трајковска вие сте по вокација професионален музичар – виолинист. Од каде желбата кон овој инструмент но и аспирациите еден ден преку него сериозната музика да ви биде животна професија? Како започна и се реализираше една детска мечта? Која е Пламенка Трајковска како уметник?

ПТ:Љубовта кон музиката за мене беше нешто сосема логично и природно. Јас бев ученичка со сите петки и кога дојде време да се запишам во средно, моите роднини се зачудија зошто се запишав во средно музичко училиште. Јас размислив дека доколку сакам да бидам виолинистка дека тоа морам да го направам додека сум помлада. Се друго можев да учам подоцна. Така и бидна – денес сум професионален музичар виолинист и магистар по Економски науки.
Во музичката сфера постојано го развивам концептот на камерната музика каде создавам нови проекти и концерти . Посебно ме привлекува музичката технологија која ги поместува границите на звучната креација. Мојот инструмент виолината ми претставува непресушна инспирација исто така. Сето ова заедно резултира со нови и уникатни композиции во кросовер стил за соло виолина.

МД:Во време кога не секој и секаде може да ужива во сериозната музика концептот на мали камерни состави не е нова идеја но вие сте ја реализирале во целиот професионален аспект. Како започна патешествието од идеја до реализација?

ПТ:Јас сум магистар по Економски науки и во моето школување имав предмети како претприемништво, развивање на концепти и бизниси, планирање, брендирање. Пламенка Трајковска – мали камерни состави е музичка компанија базирана на сознанијата од македонската музичка реалност и информациите за светските музички трендови. Мојот прв камерен настап со гудачки квартет го реализирав уште пред 20 години но за да развијам вистинска организација за камерна музика ми беше потребно искуство, менаџерското знаење и момент да се охрабрам.

МД:Не сме нација која во генот ја препознава сериозната музика но до скоро и не толку често ја практикуваше особено не на лични – семејни настани. Како стоиме на тоа поле денес. Имаме ли или создаваме полека навика во менталитетот дека понекогаш сериозната музика е вистинскиот избор и дека не секогаш семејните и лични настани мора да бидат исполнети со традиционална македонска народна музика?

ПТ:Ние сме нација која препознава одлична музика. Доколку класичната музика има нерв или енергија која македонскиот слушател ја препознава таа дефинитивно наидува на одличен прием. Токму тоа е нашата тајна на успехот. Креираме музички перформанс врз база на стотици јавни настапи и врз база на реакциите од публиката. Се разбира дека убавата музика и тоа класичната може и е присутна на семејните настани. Традиционалната музика си има свое место и улога но и класичната исто така. Таа е задолжена да создаде отмена и возвишена нота на семејната или корпоративната прослава.

МД:По основ на претходното прашање некој би оценил и проценил дека се избегнуваат негувањето на домашната музика за сметка на сериозната за која ние реално имаме приличо мал опус од творештво на домашни автори. Но денес живееме во глобализација па добар дел од настаните на кои сте повикани да партиципирате се токму од љубители на сериозната музика. Како се справувате во овој “конфликт” на интереси?

ПТ:Времето на глобализацијата донесува голем број на предизвици во секоја сфера па и во сферата на музиката и на класичната музика. Овој феномен може да донесе проблеми но и бенефити за нас музичарите. Ако сакаме денес тука можеме да снимаме гудачки квартет за некој композитор од Европа а тој нашата снимка да ја измеша со електронска музика искреирана од ДЈ од Австралија. Моето ЦД Апасионато денес се продава на Ајтунс и на Амазон. Искрено не гледам конфликт, туку поле на кое секој може многу лесно да се претстави. Ако станува збор за квалитетна музика соодветно претставена тогаш би требало да има успех.

МД:Малите камерни состави во музичката историја на Македонија ги имало и често биле состави кои произгледувале од заедницата па варијациите во понудата горе – долу останувале “веќе чуени” нешта кои сме можеле повторно без промена да и доживееме за некоја поголема манифестација. Вие имате сосема друг пристап. Малите камерни состави ни ги носите со една нова свежина дека не секогаш мора да има голема причина за да се отсвири нешто квалитетно и дека го следите и трендот и новитетите од светските музички сцени?

ПТ:Моето сознание дека нашите камерни состави кои и кога имаат настапи најчесто нивните концерти не се добро посетени ми даде задача да размислам околу новиот пристап на пласирањето на камерното музицирање. Во 2003 година имав можност да престојувам и да концертирам во Париз и таму забележав дека има реномирани ресторани во кои се свири класична музика. Кога се вратив истиот концепт го понудив кај нас во неколку ресторани и така и нашите македонци можеа да уживаат во убаво мени со убава музика. Музицирање со класична музика понудив и во нашите големи маркети со кои имам многу убава соработка. Јас учествував во организирањето на првиот флешмоб со симфониски оркестар и хор кој се изведе во рамките на манифестацијата ,,Звуците на чаршијата,, на плоштадот Скендер бег. Мојот став е дека музичарот е секогаш одговорен за својот настап. Воопшто не е важна локацијата. Штом има слушател тогаш има мотивација за претставување и тоа најпрофесионално.

МД:Трајковска вие сериозно пристапивте кон реализацијата на овој проект и со него сте биле дел од многу настани. Притоа вашата биографија говори дека сте биле гости и на формални приеми, приеми по одредена бизнис причина но и т.н. семејни веселби. Имаме ли ние публика која може да “издржи” една семејна веселба исполнета само со нотите од партитурите каде е испишана сериозната музика? Своевремено говоревме дека џезот конкретно ни е чуден но денес го изменивме тој светоглед.

ПТ:Музичките вкусови се менуваат низ време и македонскиот слушател денес е изложен на квалитетна и на помалку квалитетна музика. Агресивноста во претставувањето е важен елемент и сметам дека и класичната музика која се претставува непосредно ја граби можноста да биде земена во предвид кога луѓето ги прославуваат своите семејни веселби.
Исто така како организација развиваме способност да излеземе во пресрет и на најспецијалните побарувања на нашите конзументи. Да не заборавиме дека голем дел од младата популација и тоа како има можност да биде изложена на европските културни вредности во кои класичната музика е на највисоко место. Токму таа млада популација е нашиот најголем фан.

МД:Вие имате реализирано настапи и во Македонија и надвор од неа во соседните држави, но и делови од светот. Каде се публиката имала можност и преку кои за вас особено значајни настани да го слушне вашиот состав?

ПТ:Сум имала можност да настапам во Франција, Хрватска, Србија Грција и Танзанија како дел од камерен состав. Сите настапи за мене имаат особено значење бидејки на таков начин допирам до публика која не е македонска со поинакви културни вредности. Аплаузот за мене отсекогаш претставувал најдобар показател за мојата успешност и судејки по тоа овие искуства се бесценети. За жал заради мојот работен ахнажман во Македонската филхармонија и работните ангажмани на другите членови од камерните состави нашиот фокус е во Македонија иако сериозно размислуваме за турнеја во која меѓународно ќе се претставиме.

МД:Информирајќи се за вашата работна биографија прочитав дека сте свиреле и во Танзанија. Реално земјите од афричкиот континент иако и не се далечни нам сеуште ни се енигма. Како дојде до таа реализација и каква публика нуди “црниот” континент?

ПТ:Во Танзанија настапив во Опера хаус во градот Аруша. Мојата сестра работи и живее таму и организаторите ја искористија можноста да ме поканат да реализирам концерт кај нив. Се разбира дека поканата ја прифатив со воодушевување бидејки на таков начин го споив убавото со корисното. На концертот настапив со американскиот пианист Ренди Стаб кој редовно престојува таму. Концертот помина многу убаво. Најголемиот дел од публиката беа видни луге од градот Аруша и европејци кои таму престојуваат.

МД:Може ли да ни ги претставите членовите на вашиот мал камерен состав? Претпоставувам се работи за професионални музичари и дека во основа сте едно мало семејство?

ПТ:Тимот на Пламенка Трајковска – мали камерни состави се состои од професионални музичарки од помладата генерација кои се членови на Македонската филхармонија , Македонската опера и балет, професори по своите инструменти во МБУС Илија Николовски Луј и студентки во погорните години на студии на Факултетот за музичка уметност. Сите се одлично подготвени да ги изведуваат нашите стандардни програми но и новите програми кои во моментов ги развиваме. Покрај виртуозноста на своите инструменти тие дополнителнио се обучени за употреба на музичка технологија, употреба на кореографски елементи, свирење врз музичка подлога и лупинзи и уште многу елементи кои ја прават единствена и уникатна нашата музичка изведба. Ние сме навистина едно мало музичко семејство и вистински убаво си поминуваме кога сме заедно. За годините на заедничката работа ние развивме споделено музичко размислување односно дишеме заедно музицирајки – нешто што ја прави нашата работа ексклузивно вредна и значајна.

МД:Сосема за крај, кои се плановите кои ги имате до календарскот крај на тековната година и Новогодишните и Божиќните празници но и оние подолгорочни за претстојната 2018 година?

ПТ:До крајот на годината не очекуваат уште многу настапи за корпорациски настани. Во календарот до крајот на годината е и снимањето на детската музичка пиеса Карневал на животните. Во 2018 година веќе имаме закажано неколку настапи. Интензивно работам на мојот нов албум и до април месец би сакала да промовирам уште еден сингл. Како и претходните три години ќе продолжиме со нашата заложба секое дете да има можност да присуствува на концерт со класична музика и ќе организираме концерти за деца во училиштата. Помладите членки од нашето семејство веќе подолго време сакаат да организираме музичка програма за во дискотека. Не ветувам, но ке се потрудам да им ја исполнам желбата.

Разговараше: С Н

Опомена!!!

Поврзани вести

Translate »