Јелена Јованова: Слатка беше маката на снимањето на „Преспав“ и мислам дека имаме одличен производ - Македонија Денес

Јелена Јованова: Слатка беше маката на снимањето на „Преспав“ и мислам дека имаме одличен производ

Опомена!!!

Македонската актерка Јелена Јованова зад себе има богата кариера во театар и на филм, а македонската публика наскоро повторно ќе може да ја гледа на телевизиските екрани во новата телевизиска серија „Преспав“. Јелена за порталот Македонија Денес открива интересни детали за новата телевизиска улога во новата македонската сит – ком серија како и некои други детали околу идните професионални планови.

МД: Како дојде до вашиот ангажман за новата македонска сит – ком серија „Преспав“?
ЈЈ: Како и се останато до сега-преку кастинг. Таман засукав ракави да ќитирам и фарбам врати по дома кога на телефон ми се јави Билјана Драгичевиќ Пројковска кастинг директорката на проектов. Ме покани на кастинг, купив карта за Скопје, се спакував и тргнав. Стигнав, поминав на кастинг, ја добив улогата, снимав, а вратите дома неофaрбани останаа. Среќа нивна 🙂

МД: Кажете ни нешто повеќе за вашиот лик во серијата
ЈЈ: Ја играм Јелена рецепционерката. Безгранично инспиративна и забавна за играње. Носител на скоро сите сплетки во пансионот “Преспав”. Јелена има сомнителен коефициент на интелигенција, но и појави на изненадувачка луцидност. Шармантна будалетинка но и голем пријател. Нема многу да зборувам и откривам за неа. Во тоа нека уживаат гледачите. Се надевам ќе им биде барем приближно забавно колку што ни беше нам дури снимавме. Благодарна сум на цела екипа за професионалноста, дисциплината и несувопарната атмосфера на сет. За храброста и довербата еден кон друг. Слатка беше маката и мислам дека имаме одличен производ.

МД: Кои се вашите професионални планови во наредниот период?
ЈЈ: Фала му на Бога убави работи се пред мене и за ниедна од нив не би зборувала пред време. Само знам ќе имаме многу причини за следни средби и убави соработки. До тогаш ќе се радувам на животот, ќе продолжам да растам духовно, да чувствувам, да осознавам и да ја хранам љубопитноста.

Јелена Јованова

фото: Матеа Смоличиќ

МД: Можете ли да ни наброите ваши топ 3 филмови на сите времиња
ЈЈ: Ух…. има толку многу филмови па сублимацијата на само три ќе е тешка. Веројатно највисокото место од пиедесталот е резервирано за “The Godfather” па долго време ништо… па еве пред очи ми се појави и “Breaking the waves”.  “Amores, Рerros”, “The Shining”… упс веќе се четири, ја претерав.

МД: Доколку можете да одберете улога во која улога и во кој светски филм или серија би било тоа што го посакувате?
ЈЈ:  Да беше главниот протагонист во серијата “The night of” жена и да бев тоа јас на среќата моја ќе и немаше крај. Но верувам ќе дојде и ќе заслужам барем нешто слично.

 

МД: Со кој светски актер би сакале да се најдете на големото платно?
ЈЈ: Едниот одамна го нема Marlon Brando… но и Anthony Hopkins, Daniel Day Lewis i Cate Blanchett ќе завршат работа.

МД: Филм кој секогаш ви дава инспирација?
ЈЈ: Редовен на Божиќ, потврда за прекрасноста на животиштево наше и потврда за сокриената добрина во секого од нас – “It’s a wonderful life” на Frank Capra. Не можам да го игнорирам ни францускиот “ The Intouchables” или ”Forest Gump”. А од пред некој ден и новиот филм на Рајко Грлич “Устав на Република Хрватска”. И пак ја претерав, требаше само еден.

Јелена Јованова

фото: Жарко Цулиќ

Опомена!!!

Поврзани вести

Translate »