Интервју со Снежана Зивчевска Сталперс. Младите во Македонија треба да учат за знаење и со мислата дека никаде не е подобро од дома. - Македонија Денес

Интервју со Снежана Зивчевска Сталперс. Младите во Македонија треба да учат за знаење и со мислата дека никаде не е подобро од дома.

Опомена!!!

МД: Вашата работа и страст за технологија и иновации ве носи во Холандија и Амстердам. Кога и како почнавте да работите во оваа област и дали понежниот пол има предности кога станува збор за научна работа, иновации и технологија?

СЗС: Во Холандија сум долго, повеќе од 17 години. Дојдов на крајот од 2000-та кога во Македонија и регионот владееше општо сивило и целосна економска, културна и социолошка стагнација, најмногу како резултат на војните што се водеа во регионот но и заради ембаргото што во тој период го имавме од Грција. Јас во Скопје дипломирав на Електротехничкиот факултет на смерот Компјутерска Техника, Информатика и Автоматика, и потоа беше многу тешко да се најде работа што ќе ми овозможеше професионален развој и исполнување, а моите амбиции беа големи. Тоа беше и причината да заминам. Холандија тогаш се соочуваше со голем бум во областа на Информатичките Технологиино и со голем дефицит на стручен кадар. Јас дефинитивно ја искористив таа шанса.

Но, за жал понежниот пол воопшто не се соочува со никакви предности кога станува збор за научна работа, иновации и технологија. Технологијата е доминирана од посилниот пол. На глобално ниво околу 17% вработените во ИТ се жени, а во Холандија дури и помалку, околу 10%. Се работи за голем јаз кога станува збор за застапеноста на половите во овие области.

Снежана Живчевска Сталперс

МД: Вие сте дел од отсегот за информатички технологии и иновации на ИБМ (IBM Europe). Што е поточно вашата работа во Амстердам и на пазарот на ЕУ за ИБМ?

СЗС: Во IBM сум повеќе од 10 години, а во моментов работам како проект менаџер на иновативни проекти во областа на IBM Watson Analytics и Cloud Computing. До сега имам работено на многу проекти за различни фирми-клиенти на IBM во Холандија и во Европа (UWV, ABN AMRO Bank, Philips Lighting, Shell, Heineken, Ahold Delhaize) и тоа во областана на интеграција на системи, имплементација и менаџмент на бизнис процеси, сервис менаџмент, дигитални иновации итн.Големината на проектите била од големи и повеќе милионски проекти на транзиција и трансформација на цела ИТ инфрастуктура и портфолио на апликации, до мали но (agile) проекти како на пример мобилни апликации за поврзани уреди (IoT).

МД: Како една од успешните Македонки надвор од Македонија, како ве третираат во западните земји а посебно во Холандија, земја која ја нема признаено Македонија под нејзиното уставно име Република Македонија? Дали Се цени и почитува човекот како индивидуа или општеството од каде доаѓа?

СЗС: Морам да признаам дека успехот не дојде преку ноќ уште повеќе што критериумите за квалитет и успех во Холандија и кај нас во Македонија не се исти. Зад мене се години на макотрпна работа, учење и надградување. Фактот што го научив и што течно го зборувам Холандскиот јазик ми отвори и сеуште ми отвора многу врати како на приватен така и на професионален план. Јас досега во Холандија се немам соочено со дискриминација затоа што сум Македонка, напротив моето национално потекло многу пати било основа за градење на посилни и поцврсти релации. Се сеќавам кога во една прилика зборував со тогашниот CEO на IBM Benelux, ме праша од каде доаѓам, му реков од Македонија. Ми рече дека неговата сопруга преку некои хуманитарни акции соработувала со Бугарија и дека тоа лето планираа да одат со автомобил и да го прошетаат целиот Балкан, почнувајќи од Истра, преку Хрватско крајбрежје, Црна Гора, Албанија, Македонија и Бугарија. Му реков дека само една земја од сите тие е вредна да го поминат целиот одмор само во неа, а тоа е Македонија. На што тој се насмеа и рече дека ќе го има мојот совет во предвид за некое следно патување.

Холандија е земја каде дефинитивно човекот се цени како индивидуалец, според индивидуалните квалитети и знаење што ги поседува. Најважно за државата Холандија е дојденците да го научат и да го зборуваат Холандскиот јазик, да ги почитуваат законите во државата, и добро да се интегрираат во општеството.

Да, Холандија ја нема признаено Македонија под уставно име, но тоа е најмногу заради придржување кон консензусот со останатите ЕУ држави. Во секојдневната комуникација на различни нивоа, во весници и на телевизија, па дури и на билбордите кога одат реклами за туристички аранжмани во Македонија за Холанѓаните сме Македонија.

Снежана Живчевска Сталперс

МД: Покрај вашата работа во ИБМ, вклучени сте и во Холандските бизнис организации за поддршка на женското претптиемништво и женското лидерство? Впрочем и вашата дополнитедла формална едукација е за женско лидерство на универзитетот за менаџмент во Ротердам? (Women and Leadership at the Rotterdam School of Management) Каква е вашата позиција за женското лидерство во ЕУ, во политиката и посебно во бизнисот?

СЗС: Половина од светското население го чинат жените, но за жал заради различни причини (религиозни, социолошки, економски) не сите од нив го уживаат правото сами да одлучуваат, правото да се образуваат, да градат професионална кариера, и активно да учествуваат во донесувањето на битни политички или економски одлуки во своите држави и генерално во светот. Доколку сакаме да градиме подобра иднина за сите во светот потребно е да ги земеме во предвид потребите на сите во светот.

Токму затоа, Обединетите Нации на самитот што се одржа на 25 септември 2015 година ја изгласа многу важната агенда за понатамошен одржлив развој на светот познат како Goals for Sustainable Development by 2030. Повеќе за тоа можете да прочитате тука: http://www.un.org/sustainabledevelopment/sustainable-development-goals/

Родовата еднаквост по сите основи е цел број 5 на оваа агенда. Инспирирана од тоа, во 2016 година станав UN Women Empower Women Champion for Change и се здобив со улогата на адвокат и промотор за економски посилна позиција на жените во општеството. Вклучена сум во многу иницијативи и проекти, на локално и глобално ниво, некои од нив се и кампањите #Iam(wo)man, #BreakTheGlass and #HERstory.

Како член на UN Women National Committee of The Netherlands, вклучена сум и во кампањата #HeForShe чија што цел е вклучување и на посилниот пол во остварувањето на родова еднаквост во светот. Затоа што светот им припаѓа и на двата пола и затоа што само заедно можеме да постигнеме многу позначителни резултати.

Основач сум на онлајн платформата Women’s Professional Empowerment Initiative – Amsterdam https://www.facebook.com/WPEIAmsterdamчија што цел е да споделувам информации за трендовите во технологијата, настани, едукативни програми итн.Исто така иницијатор сум и на онлајн кампањата #CelebratingWomenInTech  https://www.facebook.com/CelebratingWomenInTech/, каде ги истакнувам жените кои веќе успешно работатво ИТ и ги представувам како урнек или пример за многу други амбициозни девојки и жени кои ја сакаат технологијата и сакаат да работат токму во таа област.

Снежана Живчевска Сталперс

Ментор сум на девојки и жени кои се соочуваат со разноразни професионални предизвици. Ги советувам како да ги развијат своите персонални лидерски способности за да бидат во состојба да ги разрешат сите ограничивања на патот кон нивните професионални успеси. Оваа година, 2018, ментор сум на 3 амбициозни девојки од Холандија. А на мое огромно задоволство оваа година ќе бидам вклучена и во проектот Mentor with Impact – Mentoring Program for Female Entrepreneurs and Professionals from Macedonia, Albania and Kosovo, како соработка на Professional Women’s Network Amsterdam и Македонската Мрежа на Ментори, чија што соработка е остварена преку Холандската Амбасада во Скопје.

За моите активности и ангажмани во развојот на женското лидерство досега сум била и препознаена како вистински лидер, но и наградувана. Од страна на Холандскиот национален весник зa жени VIVA400 бев номинирана за наградата најинспиративна жена во Холандија за 2017 во категоријата ‘Подобрувачи на Светот’.

А особено ми е драга наградата што ја добив од реномираниот Холандски магазин за жени Opzij за 2016-та како победник во категоријата ‘Жена што влијае на општеството од нејзината официјална позиција, која ги надминува неофицијалните бариери користејќи го нејзиното знаење, искуство, време и способности да влијае и да предизвика промени.’

МД: Вас ве гледавме и како дел од организацијата Македонија2025 на разни настани. Каква е вашата улога како дел од Македонија2025 клубот на лидери? Што точно правите во Македонија2025 и како се станува дел од оваа глобална организација? Како таа помага на младите македонски таленти низ светот, а посебно во Америка и Европа каде има и седишта?

СЗС: На Македонија2025, поточно на Клубот на Лидериим се придружив во март 2016-та. Во тоа време државата се соочуваше со политичка криза и голема поделеност на населението како поддржувачи на позицијата или опозицијата. Ме привлече тоа што МК2025 се прокламираше за неполитичка и натпартиска организација со цел да и се помогне на Македонија на економски план. Мојата мотивација да и се придружам на оваа иницијатива беше базирана на силната желба и јас да дадам мој допринос во изградбата на економски посилна земја и нација. Ангажманот го почнав со голем ентузијазам преку промовирање на активностите и проектите на организацијата овде во Холандија. Во јуни 2016-та учествував на Бизнис Форумот што се одржа во Виена па дури и настапив со свој говор на темата ‘Важноста да и се возврати на државата од која потекнувам’, а во октомври истата 2016 година бев и на Самитот во Скопје на кој успеав да донесам две еминентни имиња од Холандија како говорници. За жал заради работни обврски не присуствував на самитот 2017.

Македонија2025 е една убаво замислена иницијатива која има за цел да ја инволвира Македонската дијаспора по светот во развојот на економијата на Република Македонија. Активностите вклчуваат организирање на едукативни програми за млади лидери и претприемачи, организирање настани и работилници со цел да се пренесе техничко и бизнис знаење. Еднаш годишно во еден Европски град се организира бизнис форум каде се презентираат успешните претпријатија од земјата и можностите за соработка со странски фирми и организации. Досега такви форуми имало во Париз, Виена и Стокхолм, а оваа година во план е Франкфурт. Организацијата соработува со Универзитет од Торонто, Канада и секоја година испраќа по еден истакнат професионалец од Македонија на еднонеделна дополнителна едукација и пракса во браншата во која тој/таа делува. А од минатата година на неколку истакнати менаџери од Македонија организацијата доделува платен Executive Education Program на Kellogg School of Management во Чикаго.

Во текот на летото се организира и летна школа за втора и трета генерација Македонци по светот да дојдат и да се запознаат со бизнис климата во Македонија преку посета на различни македонски фирми и претпријатија.

Снежана Живчевска Сталперс

МД:Каква е вашата соработка со бордот на директори и основачи на Македонија2025 и дали ви помогнале во вашата кариера до сега? Кого го сметате за највлијателен во светот на бизнисот, кого за најпосветен за македонските таленти и млади прептприемачи, а кого за најлетаргичен?

СЗС: Мене лично организацијата ми нема ништо помогнато, ниту пак некогаш станало збор за било каква помош или поддршка од нивна страна. Напротив целокупната соработка до сега се одвивала во насока јас да и помогнам на организацијата. Во една прилика ми беше кажано дека организацијата помага само на Македонците во Македонија но не и на Македонците во дијаспората.

Како што веќе кажав, Македонија2025 е една убаво замислена иницијатива, но за жал со многу пропусти и со многу работи кои трба да се подобрат доколку МК2025 сака да биде сериозен играч на Македонската бизнис сцена. Можеби затоа што сум навикната на транспарентност и добра организација во работата (Холандија и Холанѓаните се познати по тоа) успеав да ги воочам овие пропусти многу бргу.

Хиерархиската организираност е направна на типичен американски начин, по принципот кој ќе плати поголема донација тој ќе биде назначен за член на бордот и ќе биде во состојба да одлучува, како и тоа што ќе му биде понудено да зборува на годишниот самит во Скопје, без при тоа да се земе во предвид дека во текот на годината тој/таа може да биде многу пасивен.

Членовите на клубот на лидери се ангажирани како волонтери и според стариот правилник потребно беше тие да се ангажираат минимум од 40 часа годишно во промовирање и организирање на активностите на организацијата. Од јануари 2018 воведен е нов правилник, каде членовите на клубот на лидери се преименувани во амбасадори, обврските се значително зголемени без при тоа да биде специфициран бројот на работни часови за извршување на обврските и задачите и од секој амбасадор се бара да уплати вредност од 200$ за да може да ја преставува МК2025.

Морам да признаам и дека внатрешната комуникација е многу слаба, а комуникацијата помеѓу клубот на лидерии и бордот е скоро непостоечка. Јас не се сеќавам дека некогаш сме добиле допис од било кого од бордот вклучувајќи ги и основачите Џон Битоф Јуниор или пак Мајк Зафировски. Она што ми падна во очи е што тие двајца скоро и да не го зборуваат Македонскиот јазик. Или пак друг пример, во 2017-та организацијата именува нови членови на бордот а јас како член на клубот на лидери за тоа дознав преку приватен пост на социјалната мрежа Фејсбук.

Убедувањето дека Македонија2025 е невладина и натпартиска организација исто така набргу исчезна. Во првата прилика кога во живо се сретнав со луѓето вклучени во и околу организацијата произлезе дека голем дел од нив се за партијата што моментално е на власт во Македонија не штедејќи ги притоа своите критики и негативни коментари упатени кон другата партија, небаре беа во некоја предизборна кампања кога по противникот се фрла и со дрва и со камења. Во прв момент се обидов тоа да го разберам земајќи го во предвид незадоволството кај Македонците што се јави како резултат на сето она што излезе на површина со аферата со прислушувањето. Но ми пречеше поделеноста на “наши” и “нивни”, ми пречеше и одсуството на партиотизам и љубов кон татковината, онаква каква е со сите свои предности и маани. Па добив впечаток дека сето тоа се прави за само-промоција, промоција на своите бизниси и интереси.

Во контекст на мешањето на политиката во МК2025, зачудувачки беше да се види сегашниот премиер Зоран Заев на говорницата на Самитот 2017, токму затоа што организацијата дотогаш цврсто се држеше до ставот да не поканува ниту премиери ниту министри од владите на Р. Македонија да говорат на самитот. Уште позачудувачки за мене беше повикот што се случи во јануари 2018 за соработка со сегашната Влада на Р. Македонија во врска со владината програма и стратегија за дијаспора.

Снежана Живчевска Сталперс

Неодамна имав можност да прочитам текст на социјалните мрежи за тоа како живее семејството на Џон Битоф Јуниор, и тоа дека неговите деца се прогласени за најбогати деца во Канада за 2017. Слично живее и семејството на Мајк Зафировски и Роберт Арсов кои ја водат Македонија2025. Па зарем на сето тоа изобилство и пари, тие се одлучија за бизнис модел во кој членовите на клубот на лидери ќе работта неограничен број на часови и тоа на волонтерска основа за да ја промовираат и развиваат нивната иницијатива МК2025, па дури и ќе им биде побарано да платат по 200$ годишно токму за да можат да бидат волонтери? Јас можам да ги сфатам сите нивни добри намери, но ваквиот начин на водење на организацијата не. Тоа за мене како истакната и докажана професионалка представува првокласно подценување.

И уште нешто, во овие моменти кога Република Македонија се соочува со длабола системска криза, кога во државата не владее ниту правото ниту уставот, не се ни почитуваат основните човекови права, а во исто време доведено е во прашање постоењето на унитарноста и идентитетот на државата, мое силно убедување е дека сплотувањето е потребно како никогаш досега. А интелектуалците од дома и од светот потребно е да го дигнат својот глас и да го искажат својот став. Тоа беше мојата мотивација да напишам отворено писмо до членовите на бордот на МК2025 вклучувајќи ги и членовите на клубот на лидери и да ги запрашам за официјалниот став на организацијата во врска со активностите што сегашниот премиер ги прави да ја преименува и разобличи Република Македонија. Во писмото нагласив дека не сум спремна да го продолжам мојот ангажман доколку Македонија2025 го поддржува преименувањето разобличувањето на државата. За жал, многу за жал никој ама баш никој до досега ми нема одговорено на моето писмо.

 

МД: Што следно да очекуваат читателите во 2018г во однос на женското лидерство, информатичките технологии иновации и вашата улога како жена лидер? Што би им порачале на младите девојки и момчиња кои допрва ќе ја градат својата кариера дома во Македонија или надвор од неа?

Се наоѓаме на почетокот на голема дигитална револуција, која уште се нарекува и 4-та индустриска револуција. Иновациите се случуваат насекаде околу нас. Сведоци сме на брзиот развој на вештачката интелигенција, роботиката, беспилотните летала, 3D печатењето, поврзаните уреди (Internet of Things). Очекувањата се дека оваа дигиталната револуција ќе има такво големо влијание во речиси секој сегмент од човечкиот живот така што таа фундаментално ќе го промени начинот на кој живееме, работиме и комуницираме еден со друг.

Светот се менува, и тоа многу бргу. Кога зборувам за промени не мислам само технолошки, туку и социолошки. Новото време бара нови начини на размислување нови модели на соработка, нови модели на лидерство. Времето на автократското лидерсво и микро-менаџирање помина. Ова е време на креативни умови, транспарентност во комуникациите, лидерство со чувство пред се за човековите потреби.

Македонија за жал е далеку од овие работи. Заради економската немоќ на луѓето, тие повеќе се во услови на преживување одколку да размислуваат за иновации. Но промените мора од некаде да почнат. Она што дефинитивно и нужно и е потребно на Македонија е нов и реформиран школски и едукативен систем. Системот во моментов не произведува кадри спремни да се соочат со предизвиците на новото време.

Понекогаш дури мислам дека новите генерации во Македонија се изгубени, талкаат, незнаат кои се и што се, незнат што сакаат, немаат идеи и план за иднината, го сакаат успехот но секогаш преку пократкиот пат (short-cut) а многу ретко преку трнливиот пат на работа и самореализирање. Израснати се со заблудата дека учат за да еден ден си отидат од државата и дека таму некаде далеку од дома ќе живеат идеален живот. Тоа е голема заблуда. Младите во Македонија треба да учат за знаење и со мислата дека никаде не е подобро од дома. Нивното критичко мислење да го искористат во проактивно креирање на нови можности во сите сфери од животот, и на тој начин да бидат носители на промените што сите толку многу ги посакуваме во државата.

Треба да се свесни дека патот до успехот не е лесен но големо е задоволството кога ќе се успее во она што се сака.

 

 

Опомена!!!

Поврзани вести

Translate »