Драган Величковски – Tyzee – рап артист: “Кога знаеш од каде си тргнал, си го потрошил последниот атом од енергијата и си ја оставил душата во некоја песна, публиката ќе ти пренесе порака од Бога” - Македонија Денес

Драган Величковски – Tyzee – рап артист: “Кога знаеш од каде си тргнал, си го потрошил последниот атом од енергијата и си ја оставил душата во некоја песна, публиката ќе ти пренесе порака од Бога”

Опомена!!!

МД:Ако го започниме разговорот со Драган Величковски многумина ќе се збунат и ќе помислат дека фотографиите или насловот се грешни. Со тоа и ќе започнеме. Од каде и како Драган стана Tyzee? Како се роди идејата и што во основа значи овој прекар?

ДВ:Како дете и тинејџер бев многу заљубен во кошарката, имав можност да бидам дел од една добра генерација на младинската репрезентација на Македонија со која бевме на Европско првенство во Словачка 2005. Плачев од среќа кога истите тие момци освоија 4то место во Европа во Литванија со сениорската репрезентација во 2011. Мислев дека мојот живот е кошарка но во 2006 ми пука чир на желудник и по една страшна операција морав да паузирам најмалку една година.
И како дете пишував дневници ,сакав да римувам да пишувам песни и филозофирам, но по таа операција нешто чудно се отвори во мене во врска со животот и музиката. Разбрав дека материјализмот е еден од многуте отрови со кој се труе човештвото, созревав духовно, ме иритираа сите неправди кои ни се пред очи, сфатив дека системот само менува име, секогаш е истото, робови и владетели само малку модернизирани. И студиите и музиката ми помогнаа да се доближам и да го чујам гласот на народот.
Животот неколку пати ме нокаутираше но тоа беа лекции кои ме направија подобар човек и ми дадоа насока. Чувствував дека имам моќ да помогнам и дека имам еден вид мисија. Не да будам народ за револуции да кажувам кое од двете зла е подобро, не да мудрувам и да чекам аплауз, ниту пак да станам најдобар пејач… Ова е земја на големи имиња. Тука сум да разбудам љубов во срцата на луѓето, да ги расположам во можеби најтешките времиња, да пишивам за соединување не за поделби, да кажам како јас гледам на животот и да оставам печат со мој ракопис и со малку иронија кон сето ова што ни го сервираат и го нарекуваат живот…

Опомена!!!

МД:Своевремено започна како рап артист но во поаматерски води со Горјан алијас Скипи со рап групата 120ка. Драган од каде љубовта кон рап уметноста и како започна се?

ДВ:120ка е моето маало, мојата екипа луѓе со кои израснавме заедно на улица и поминавме многу убав период од нашата младост. Бевме заљубени во хип хоп музиката имавме и неколку издадени синглови, а на тие снимања и се запознавме со Скипи. Имавме слични амбиции и ставови со Горјан па решивме да направиме дуо Тајзи и Скипи и извадивме албум во 2010( Балкан ). Имавме настапи низ земјава како и концертна промоција во Куманово. Моментот, Екскјуз Ми, Грев, Лето, Остави политика и Појачај тон се дел од песните со кои да кажам се појавивме како нешто ново на нашата естрада. Многу тешки почетоци пред се финансиски, не бевме татини дечиња па моравме како знаеме да дојдеме до средства за реализација на проектите и спотовите. Многу драг период од мојата кариера за кој секогаш ке имам убави зборови и спомени.

МД:Во Македонија регето и рап уметноста имаат публика но не е општоприфатена како музички правец на запад. Дали ние доцниме или менталитетот и географската одредница каде живееме едноставно не се целосно подготвени да го прифатат и тој вид уметност?

ДВ:Не ни бараме да е општоприфатена во тоа е суштината, не сакам мојата музика да е меинстрим и да сум нечија марионета. На Балканот сеуште владее турбофолкот мислам дека како никогаш досега. Општо во Македонија слабо се слуша македонска забавна музика. Не се сложувам дека немаме добри артисти јас на пример обожавам да ги слушам Влатко Стефановски, Кирил Џајковски, Дани Димитровска, Суперхикс, Фолтин, Слаткаристика, ЛД Пистолеро и многу други помлади артисти кои творат и оставаат белег во Македонската култура.

МД:По 2012 година ти редовно си на рап сцената. Продуцираш и видео спотови и нумери но генерално каква е музичката сцена за овој вид уметност во Македонија? Имате ли доволно поддршка, спонзори, како до краен производ и дали љубовта кон уметноста е пред се затоа што профит како ценам и нема на она ниво на кое треба да биде да може да се живее од оваа професија?

ДВ:Ретко кој живее само од пеење во Македонија и тоа е жално. Тоа ги деморализира сите млади луѓе кои сакаат да се занимаваат со музика, а и реално многу малку млади артисти имаме моментално. Финансиите никогаш не ми биле приоритет иако мораш да живееш од нешто, начинот на живот сам по себе носи многу трошоци и жртвувања. Но љубовта кон музиката и вербата го прави сето тоа да биде бесценето кога ќе успееш. Кога знаеш од каде си тргнал, си го потрошил последниот атом од енергијата и си ја оставил душата во некоја песна публиката ќе ти пренесе порака од Бога.

МД:За рап артистите важи догмата дека најдобро комуницираат со публиката кога се во живо, а тоа се клубските настапи. Како функционира таа сцена и дали публиката која рековме дека ја има се зголемува, едуцира и генерациски надградува и надополнува?

ДВ:Можеби бидејки се храбри, реални и не се плашат да го поделат она што го имаат, иако не се сите такви, многу злобни луѓе запознав во овој бизнис. Нека не ве мами онаа старата изрека кој пее зло не мисли. Имам публика од сите генерации и уживам кога сум на бина, осебено ми е драго што ме сакаат децата тие дури и не ги разбираат песните ја разбираат енергијата … а уште подраго што имав можност со ова и да помогнам хуманитарно на многу од нив на кои им беше потребна помош. Сум имал многу клубски настапи низ целата земја и неколку надвор низ Европа како и неколку поголеми концерти во Охрид, Скопје, Битола и Куманово. Незнам, многу млад народ се исели од земјава, сега често наместо да пееме у Источна Македонија ќе пееме у Италија, Германија, Швајцарија, дома, евентуално ако почнат да се враќаат.

МД: Не си малку години на музичката сцена а си имал настапи и во други држави на туѓа музичка сцена може ли да ми искомпарираш, што е разликата во пристапот кон еден рап артист во Македонија а што во околината на Балканот и на запад?

ДВ:Младите артисти кај нас земаат многу мал хонорар за своите авторски права за разлика од другите европски земји и Балканот. Финансиски сите имаат доста поголеми цени за настап од нас дури и некоја рандом српска певаљка има поголема цена од било кој наш артист. Србите и Албанците имаат многу голема дијаспора и навистина направија добар пазар за пласман на својата музика. Бугарите исто така доста вложуваат во музиката и прават урбана сцена. Кај нас освен тоа што треба да се седне да се работи наместо да се трачарат меѓу себе, мислам дека фалат и спонзори и продукции кои би форсирале нова авторска музика и нови имиња. Јас лично се восхитувам на Дубиоза Колектив мислам дека се еден од најдобрите бендови во Европа.

МД:Со дискографијата некако и може да се поврзе крај со крај, како стоиме со видеографијата во Македонија кога е твојата професија во прашање? Претпоставувам кога продуцираш видеоспот со рап кој секако има своја стриктна публика малку е потешко да се реализира замислата? Како успеваш во се тоа толку години? Преферираш поддршки од продукции или се е лично учество?

ДВ:Досега имав само еден договор од две години со Иноватива продукција, луѓе на кои сум им многу благодарен за годините кои ги поминавме и се градевме заедно. Со нив го издадовме мојот прв соло албум Нешто Поинакво во 2013 и навистина и беше нешто различно од тоа што се слушаше во земјава.Направивме и голем концерт во Скопје гостин ми беше Слаткаристика човек кој многу ми помогна во мојата кариера. Со него често правиме муабети како може нешто да смениме и да ја подобриме ситуацијата на естрадата и во земјава. Се надевам дека таа наша енергија допрела до нашата публика.
Учествувам во целиот продукт од музика, текст, стајлинг, маркетинг, организација, локации, сценарио до режија и сите други обврски, но секако не сам, имам екипа со која работам. Многу луѓе на кои сум им благодарен продуценти и режисери со кои сум соработувал од кои морам да го издвојам мојот добар пријател и режисер Владимир Дади Ивановски. За 7 – 8 години работа околу 15 песни веќе имаат милионски прегледи на Јутјуб што е навистина реткост во регионов и е за респект без разлика дали ти се допаѓа или не.

МД:Што се плановите на Tyzee во следниот период. Ете до календарскиот крај на годинава но и подлгорочните? Остануваш во водите на музиката и упорно ќе пловиш спротивно од текот на водата?

ДВ:Имав неколку соработки со Балкатон продукција од Србија можеби ќе излезе уште некој дует со некој од нивните артисти, секако подготвувам и соло материјал. Работам на 8 песни моментално, кои се со Реге – Ска ритам и се нешто кое ме опишува мене како човек и мојата борба и начин на живот. Не знаеме каде не носи овa невреме и незнам дали ќе можам да живеам цел живот од музика, но сигурен сум дур дишам ќе творам пеам и пишувам.

Разговараше: СН

Сашко Костов македонски композитор, изведувач и музички продуцент: “Многу ми е мило што секојдневно сум окупиран со решавање на звучните проблеми и звучното доловување”

Опомена!!!

Поврзани вести

Опомена!!!
Translate »