Димитар Масевски беше визионер, ja создаде првата забавна мелодија и првата детска песна на македонски јазик, “Последна Солза” и “Рингишпил” во изведба на Блага Видец - Македонија Денес

Димитар Масевски беше визионер, ja создаде првата забавна мелодија и првата детска песна на македонски јазик, “Последна Солза” и “Рингишпил” во изведба на Блага Видец

Опомена!!!

Александар Масевски е еден од најдобрите македонски композитори и продуценти. Тој е автор на многу хитови на македонската естрада, а неговиот татко е основоположник на македонската забавна музика. Визионерот Димитар Масевски е автор на првата забавна мелодија и првата детска песна на македонски јазик- „Рингишпил“.

МД:Би било нелогично разговоров да не го започнеме со творештовото на Димитар Масевски, вашиот татко кој беше македонски композитор и музички продуцент но и основоположник на македонската забавна музика. Од оваа временска дистанца сметате ли дека Димитар бил катализаторот и вие да го започнете вашето патешествие во светот на музичката уметност?

АМ:Верувам дека она што татко ми го работеше има одиграно значајна улога во мојот избор на професија. Но, сето тоа дојде спонтано, без некакви амбиции од негова страна или разговори кои имале за цел да ме убедат дека музиката е тоа што треба да биде мој животен избор. Напротив, тој инсистираше да изберам професија што ќе ми донесе сигурна егзистенција, зошто сведоци сме за тоа дека уметноста тотално не е на листата на професии кои помалку или повеќе ја гарантираат таа сигурна егзистенција. Растејќи во атмосфера каде што тој како столб на семејството го практицираше креирањето на музика, направи истата најпрвин да стане мое секојдневие, да стане природен дел од мене, а потоа и мој личен избор за животна професија.

МД:Димитар Масевски во својот работен век не изостави соработка со скоро сите македонски изведувачи иако соработуваше и со добар дел од онаа поширока естрада од просторите на тогашна а сега поранешна Југославија. Дури и со оние за кои дел од публиката не знае. Денес имаме нови квалитетни генерации на оперски пејачи но никаде не се спомнува делото на една Блага Видец со која за вашиот татко ја испеала композицијата “Последна солза” што е воедно и прва забавна мелодија испеана на македонски јазик но Димират е автор и на првата детска песна на македонски јазик “Рингишпил” која ја испеаја Блага Видец и Никола Автовски. Блага Видец беше истакнат македонски оперски уметник која добар дел од животниот работен век го помина во Сараево а е родена битолчанка. Беше ли Димитар визионер?

АМ:Не само што не се спомнува Блага Видец туку реалноста покажува и докажува за жал, дека ние сме општество кое нема почит кон своите великани, оние вистинските. Не ретко чествуваме инстант “величини” на кои им се посрекило да бидат на право место во право време и на страната на некоја политичка а не општествена провиниенција. Сеќавањата на вистинските величини треба да ги негуваме и да се гордееме со нив, а со тоа да трасираме пат за оние новите величини што треба да дојдат како продолжување на успешната приказна на културното наследство и историја на земјава. Кога не ги почитуваме сопствените успешни човечки приказни, не треба да ни биде чудно кога почитта кон нас изостанува.

Дефинитивно татко ми беше визионер. Видете не може човек што не е визионер да биде многу успешен композитор и продуцент, да направи многу свои дела и да испродуцира над 2.000 македонски песни за продукцијата на МРТ [РТС], за потоа да стане главен уредник на забавната редакција на истата телевизија и 25 години додека е на таа функција да креира успешни забавни шоу програми кои ги одбележуваа професионалните животни патишта на скоро сите познати македонски изведувачи или ако сакате целата македонска естрада. Тој открива и лансира многу познати изведувачи и композитори – аранжери откако станува главен на музичката продукција на МРТ [1968], па се до почетокот на 90-тите години од минатиот век. Богато професионално портфолио на човек визионер, но истовремено и општественик кој не е заинтересиран само за свој личен профит.

МД:Како беше чувството запознавајќи ги тие големи имиња преку работата на вашиот татко кој исто така беше и композитор на детски песни, музика за ТВ серии но и театарски претстави?

АМ:Чувството беше бесценето, а посебно можете да замислите затоа што во тоа време јас бев во своите тинејџерски години. Како во магла ми е сликата од младиот и мега популарен Здравко Чолиќ кој ја држеше мојата помала сестра Ангела кај него во скут, седејќи на фотељата во нашата дневна соба. Интересна е случката кога кај нас дома беа Нови Фосили, се разбира со тогаш многу атрактивната Сања Долежал. Имав 16 години и само што влегов дома, одеднаш засвирува гитара и почнува во живо да се пее познатиот хит на Нови Фосили: “Е, мој Саша, знаш ли где је љубав наша, реци Саша”. Веројатно татко ми им кажал дека дома ме викаат Сашо, а пак овие дошле до брилијантната идеја за тоа како да ме пречекаат и изненадат. Не помалку возбудливи беа и познанствата со  други познати имиња од југословенската естрада, како и со скоро сите познати македонски ѕвезди.

МД:Поставувајќи го претходното прашање во основа ве опишав вас денес. Александар Масевски е композитор и музички продуцент на поп музика но исто така и композитор на детски песни и се она што Димитар го имал во своето творешство. Александар која е клучната разлика која имате право да ја направите како компарација од можностите за творештво во времето на вашиот татко до времето во кое работите вие?

АМ:Можностите за творештво и тогаш и денес се исти. За да се искреира ново дело потребно е едно пијано – гитара инспирација и многу љубов. Разликите доаѓаат во делот на реализацијата на една нова песна и нејзината промоција. Во тоа време реализацијата на една песна била покомплициран процес поради потребата од оркестар и големи професионални студија. Значи имало потреба на ангажман на обемен број на музичари. Во делот на промоцијата веќе реализираната песна имала отворен пат кон сите можни начини на промоција односно новата песна се третирала со повеќе грижа и eнтузијазам и била максимално промовирана и експлоатирана од страна на тогашните медиуми.
Критериумот за избор на песните кои ја добивале шансата за реализација бил висок и она што било реализирано најчесто го имало тој минимум потребен квалитет за да ја заслужи поддршката на медиумите. Можностите за снимање нова песна во денешно време се поедноставни, затоа што новиот тренд на изискува инволвирање на многу музичари.

Денеска “оркестарот” го имаме во компјутер. Оттука и различниот пристап и форми – стилови кои произлегуваат во “новото време”. Овде мислам и на инкорпорирањето на електронските звуци во денешните продукции. Се е тоа природно, таман работа ако во креирањето на музика денес не се придвижуваме кон она што го поставува интернационалната музичка сцена. Ова особено важи за мејн стримот или ако сакате она што го налага трендот во музиката низ целиот свет. Комплицираноста доаѓа токму во делот на промоцијата. Некои нови “вредности” играат важна улога и не ретко се случува песни кои заслужуваат грижлива промоција да бидат скоро или комплетно прескокнати. Секако овде голема улога има напливот на продукција која не е на ниво, но исто така и сомнителниот критериум на оние кои се всушност филтер за тоа што треба, а што не треба да се поддржи. Грешките од ваквиот несериозен пристап  и прави голема штета на македонската музика затоа што ние како земја го немаме луксузот да имаме толку голем наплив на квалитетни песни (луксузот што го имаат големите музички сили). Не смееме да се однесуваме ноншалантно спрема некоја нова песна, спрема нечиј вложен труд, да не и ја дадеме шансата да ја види светлината на денот и да допре до слушателите. Ентузијазмот за поддршка на македонската музика скоро и комплетно да изостанува. Затоа тогаш имавме естрада, а денеска не.Би сакал само да додадам дека и музиката која се правела на почетоците на креирање на македонски јазик ги следела тогашните светски трендови и тоа била појдовната точка за правење на нешто ново. Секако следењето на светските трендови и тогаш и денес не подразбира никакво копирање, туку само инспирација за она што би требало да значи автентичен спин на она од кое се инспирираме, во нешто што има препознатлив потпис од авторот – продуцентот кој стои зад новото дело.

МД:Во вашата работна биографија ги имаме соработките со музички имиња кои не се за потценување или со други зборови кои ги исполнија музичките празнини во македонската естрада. Меѓу првите беше и соработката со Тоше Проески. Кој се поминал низ “ваши раце”?

АМ:Да, со Тоше соработувавме за Евровизија 2004 во Истанбул. Таму се појавив во функција на аранжер и продуцент заедно со мојот брат Христијан Масевски, а го поддржував Тоше на сцената и како придружен вокал заедно со Тамара, Фани Христова, Роки и Маја Саздановска. Тоа беше едно незаборавно патешествие и искуство. Со Тамара Тодевска го снимив албумот “Сино”, а во продолжение ќе се обидам да ги споменам сите други одлични вокали и инструменталисти со кои сум имал чест да соработувам: Наде Талевска, Туна Сејди, Александра Пилева, Нина Јанева, саксофонистот Горан Папаз, Калина Велковска, Сара Маркоска (Јуниорска Евровизија – Киев 2009), Мартија Станојковиќ (Јуниорска Евровизија – Малта 2016), Мартин Вучиќ, Маја Вукичевиќ, Силви Бенд, Сања Лефкова, Бертан Аслани, Иле Спасев, Игор Митровиќ, Лили Атанасовска, Даниел Данн, Ева Нединковска, Тања Б., Зои Блаж, Џемини и повеќе различни проекти каде што на различни песни гостувале артисти како Угро, Тони Зен, Ронин – Легијата, Диран Тавитјан, Елена Петреска, Браво Бенд, Андријана Јаневска, Бени Шаќири, Деана, Некст Тајм итн… нека ми биде простено ако сум изоставил некого. Во последнава година сум инволвиран и во улога на миксинг и мастеринг инжењер на деби албумот на скопскиот џез состав “Fierce”, синглот “Најмил мој” на урбаната скопска фанк група “South Park” и преработката на песната “Одам на југ” од добро познатите “Тумбао Салса Бенд”.

МД:Имавте сопствена продукциска куќа “Massive Sky Productions / Massive Sky Music”. Можеби пред да разговараме за вашиот интернционален успех би било интересен одговорот како Александар Масевски се најде во Холандија, во Амстердам каде поминавте дел од својот живот?

АМ:Во Амстердам живеев 14 години од 1990 до 2004. Со оглед на фактот дека по мајка сум охриѓанец, а по татко скопјанец, за моето одење во Амстердам беше заслужна охридската линија затоа што отидов во посета кај мој добар другар од Охрид, кој живее таму од својата пет годишна возраст кога всушност неговите родители решиле да ја напуштат Македонија. Секоја година тој доаѓаше во Охрид и така се одржуваше нашето другарство. Отидов на две недели, туристички, без никакви претензии, а се вратив во Македонија после скоро пет години. Едноставно Амстердам и Холандија ми се допаднаа многу, а како што тоа најчесто бива кога одиш со некаква позитивна енергија и без калкулации, спонтано ми се отворија некои врати и добив шанси кои не сакав да ги пропуштам зошто она што ми се нудеше како опција, ми дојде како остварување на некои мои, би рекол можеби и наивни соништа.
Најпрвин почнав да работам како фото модел за познатата модна агенција “Factory Models”, која подоцна прерасна во “Elite Holland”. Паралелно со тоа работев на правење на нови песни со музички партнери, млади компопзитори – продуценти кои ги запознав во Амстердам. Сето тоа резултираше со конечен влез во “Cruise Control”, едно од најпознатите амстердамски и холандски музички студија чиј власник е познатиот продуцент и ремиксер Рудгер Крузе. Од тука тргнува мојата кариера во водите на музичката индустрија која од 1992 до 2004 година резултира со 2 ексклузивни авторски издавачки договори, најпрвин со “BMG Music Publishing Benelux”, а потоа со “Sony/Atv Music Publishing Benelux”, како и со повеќе од 30 официјални изданија ширум целиот свет во соработка со издавачки куќи како што се: Warner, Emi, Columbia, Epic, Sony, Zomba, Id&t, Quest, Combinet Forces, Arcade, Dureco и други. За да бидам фер би сакал да споменам и дел од артистите со кои соработував директно или индиректно преку моите агенти BMG или Sony/Atv Publishing , а кои не се од Македонија: Glennis Grace, Mai-Tai, 2 Bass Hit, Home team, Na Ying, Raf van Brussel, Charlemaine, Keystone, A-teaze, Brothers of Showbizz, Defunked, Myke Low и други.

МД:Имате соработки со познати музички продуцентски куќи и со звучни имиња од Европа. Масевски која е клучната разлика во работата на “запад” и по основ на уметнички имиња и по основ на можности за сметка на работата дома во Македонија?

АМ:Видете на “запад” оваа наша работа се сфаќа многу посериозно отколку кај нас и тоа од секој аспект. Најпрвин од аспект на сериозност и посветеност кон работата на самите артисти. Секако дека има исклучоци кои се несериозни, но тие најчесто многу брзо завршуваат со кариерата. Никој не сака да си го троши времето и креативната енергија со некој што е несериозен. Артистите знаат дека мора да инвестираат многу време и напор за да постигнат нешто иако никој не им дава гаранција за успех. Музичкиот бизнис е суров, нема милост, а конкуренцијата на секое поле е енормно голема.

И следно, но не и поневажно е тоа што издавачките куќи инвестираат многу во креирањето на музиката и имиџот на одреден артист и тие во никој случај не дозволуваат истиот да си поигрува со нивната покажана добра воља да направат бренд од него, што можеби на крајот на обострано задоволство ќе резултира со успех. Велам можеби, затоа што и покрај сите материјални средства потрошени за создавањето и реализацијата на цд-то, снимањето на потребните видео спотови, маркетинг стратегии и промотивни кампањи, гаранција за успех нема.
Значи, таму сите инвестираат многу од креативен и материјален аспект и нормално е дека бизнисот ќе се карактеризира со исклучителна сериозност.

Кај нас нема музички бизнис, нема издавачки куќи, никој не инвестира во артистите/групите и тие сами се снаоѓаат кој како ќе стигне, продуцентите треба да работат за без пари, па оттаму и отсутноста на сериозност кон работата од страна на повеќето партиципанти во играта чест на исклучоците артисти и продуценти кои даваат се од себе да направат некаков континуитет во создавањето македонска музика, само од љубов кон истата. Згора на се изостанува и поддршката на медиумите кога е во прашање домашната музика. Повторно чест на исклучоците има неколку кои пуштаат и повеќе од законски пропишаниот минимум, но ја знаеме онаа старата: “Една ластовичка не ја прави пролетта”.

МД:Како и својот татко работите и компонирање на детски песни. Што е мотивот околу тоа? Што уште Масевски работи?

АМ:Да се работи со деца е многу благодарна работа затоа што чистината на нивните срца и души, нивната искреност го прават процесот на работа многу креативен и позитивен, со што можноста за создавање на музичка магија е голема. Во соработка со Супер Ѕвезда заедно со мојата сопруга Билјана која ги пишуваше текстовите на песните, имам потпишано 40-ттина детски песни. Во иднина, при дадена можност со задоволство ќе продолжам да креирам за деца. Најчесто сум зафатен со работа во она што е моја специјалност, а тоа е мејн стримот каде палетата на стилови е многу разноврсна: Pop, Hip Hop, R’nB, EDM (електронска музика) и други. Тоа се според мене сродни стилови кои ми лежат и кои со задоволство ги креирам. Ова се разбира на македонски, како и на англиски за странскиот, а зошто да не и за домашниот пазар.

МД:Како ја доживувате македонската музичка сцена како ценам дека е во хибернација, времено стагнирање и мал милион слични фрази. Што се случи по 2000 година кога имавме солидни продукции? Некако тапкаме во место веќе долго време. Зошто е тоа така според вас и кој е клучот конечно да се вратиме во колосек?

АМ:Јас не сметам дека толку многу тапкаме во место отколку што мислам дека некој сака да наметне некаква слика дека навистина тоа се случува. Напротив мислам дека тапка во место онаа музика што ни доаѓа од соседството, а е де факто најомилена кај нас. Има повеќе фактори за ситуацијата во која се наоѓа нашата музика денес, но еве неколку. Како на пример намалениот интерес на публиката за урбаниот саунд на сметка на зголемената побарувачка на турбофолкот или енормното глорифицирање на шунд артистите од соседството на сметка на тоталното игнорирање и потценување на се што е македонски артист и продукција. Ние турбофолк не продуцираме, не знам за жал или за среќа. Мораме да бидеме реални. Ние не сме сјајни, далеку од тоа и секако тука би апелирал на попрогресивен пристап во изразот при креирањето на новите продукции и песни, особено кај помладите и нови продуценти. Но, неверојатно е тоа како сме спремни во секое време да им симнеме капа на пејачи и песни од соседството кои во времето на бившата држава која се викаше Југославија, не би можеле да добијат шанса еднаш да бидат завртени на некоја посериозна радио станица или тв програм. Сме се запрашале ли некогаш, со што и како ние го мотивираме македонскиот композитор, продуцент, артист да креира и да оди напред знаејќи однапред дека ќе наиде на потценувачки, игнорирачки и незаинтересиран однос од страна на медиумите и слушателите?! Затоа што нели сите знаеме дека пари од оваа работа нема за тука да ја бараме мотивацијата за понатамошна работа. Мислите ли дека вечно ќе траат обидите на истите тие наши музичари, уметници, дишејќи на шкрги, да ги убедат нашите медиуми и слушатели дека она што го креираат има некаква, каква – таква тежина?!


Дали ни значи нешто фактот дека првата идентитетска карактеристика на народот на една земја е музиката испеана на мајчиниот јазик на истиот тој народ кој живее во неа?! И дека тргнувајќи само од тој факт би било многу понормално поддршката за македонската музика да биде многу поголема?! Едноставно државата треба да изгради стратегија за заштита на македонската музичка сцена, за зачувување и заштита на својот музичар/уметник и неговите дела. Сите соседни земји околу нас и пошироко, познати светски музички сили ги имаат тие заштитни механизми и никој не може да ме убеди дека во Грција, Бугарија, Србија или Албанија пуштаат исклучиво музика од сопствена продукција затоа што се што пуштаат им е квалитетно. Сведок сум дека не е. Напротив. Ништо друго не е во прашање освен фактот дека го ценат своето многу повеќе од туѓото и дека пазарот што си го имаат си го чуваат исклучиво за домашниот уметник.

МД:Што според Масевски е потребно во ера на дигитализација да има еден пејач за да го презентира својот талент. Таленти имаме колку сакаш но дел од нив одат по линија на помал отпор па учествуваат на разно разни шоу програми. Каков е вашиот став по основ на нив? Реално и само тоа остана како простор за самопромовирање. Но страшно понекогаш звучи кога “добар” презентиран волак “чкрипи” кога пее во живо. Не секогаш компјутерот ќе ги испегла недостатоците. Што е вашата порака до сите оние кои сакаат но ете не се охрабриле да се занимаваат со музичката професија но и што е вашата порака до оние кои ја работат истата но нивната кариера ќе го има ефектот на “прскалица”?

АМ:Ова е обемна и деликатна тема со која се соочуваат многу врвни професионалци во музичката индустрија низ целиот свет. Некој измислил систем со кој телевизиите ќе остваруваат голем профит. А, тие заинтересирани само за профитот, спремни се да направат се, па и да жртвуваат еден куп талентирани млади вокалисти, за да стигнат до својата цел. При тоа на учесниците им ја нудат илузијата дека ќе станат ѕвезди, илузија која секој лесно ќе ја проголта, зошто нели секој од нив учествува за да стане ѕвезда.

Вистината е следна. Кога ќе ги ставите сите талент шоуа организирани низ целиот свет од 2000-та до денес, колку вистински ѕвезди можете да издвоите кои успеале да блеснат преку шоуто и да останат во ѕвездите?! Многу тешко ќе ви падне некое име на памет, а и ако ви текне на некого тоа ќе бидат имиња кои едвај ќе ги изброите на една рака.

Нека не ми се налутат неистомислениците ама јас “ѕвездите” што произлегуваат од вакви талент шоуа ги нарекувам кариоке ѕвезди. Зошто?! Па, пејат најчесто остварени мега хитови од вистинските светски ѕвезди, ја копираат дури и емоцијата со која песната е изведена од оригиналниот артист и така ги освојуваат симпатиите на публиката и евентуално победуваат. Овде правам исклучок на оние изведувачи кои се навистина врвни вокалисти и имаат свој стил на изведба на веќе познатите песни. Малку се, но ги има.

Принципот на станување вистинска ѕвезда е дијаметрално различен од оној на кариоке ѕвездата. Подразбира работење на свој авторски материјал кој преку сопствената емоција и изведба ќе биде оживеан и донесен до ниво на хит песна. Кога овој процес артистот неколку пати успешно ќе го повтори тој станува ѕвезда. Некако ми е смешно и неприродно кога кариоке ѕвездата после победата треба да докаже дека е вистинска ѕвезда, па неуспешно се обидува да ја погоди авторската песна. Дури и изведбата на евентуалното авторско хитче не е на висината на задачата. Такви примери имаме колку што сакате. Затоа оној кој е сериозен во намерите поп пеењето да му биде идна професија нека го прави тоа од љубов и само од љубов кон музиката. Нека работи на авторски песни кои ќе се обиде да ги донесе во најдобро светло. Секако може и треба да се има и поголема амбиција или сон, но остварувањето на сонот може да  дојде само преку голема посветеност и многу вложен труд.

МД: Кој е Александар Масевски приватно. Што кога не работи музика? Што е она што го исполнува во остатокот од времето? Но и кои се неговите следни проекти на кои работи?

АМ:Кога не работам со музика одмарам во тишина, уживам во кругот на семејството или гледам некој добар филм. Одам на прошетка во околината или на ручек – вечера во некој ресторан. Се зависи од тоа како ќе се чувствувам во моментот. Инаку на професионален план привршувам неколку проекти кои светлината на денот ќе ја здогледаат некаде во септември, па слушателите ќе бидат и конкретно запознаени со она што во моментов го работам.

Автор: С.Н

 

Опомена!!!

Поврзани вести

Translate »