Благоја Стојчевски од Тримод Тим- „Силиконската долина може да ја замениме со пелагониското поле“ - Македонија Денес

Благоја Стојчевски од Тримод Тим- „Силиконската долина може да ја замениме со пелагониското поле“

Опомена!!!

“Тримод тим” или како силиконската долина, ако се сака и знае, може да биде “заменета” и со “пелагониското поле”.

“Тримод тим” е млада и мала но прилично ефикасна и брзорастечка компанија која е основана пред неполни 16 месеци. “Тримод тим” работи на полето на PCB дизајн, дизајн на електроника и хардвер, како и сервис и унапредување на CNC машини во индустријата.
Благоја Стојчевски [26] е еден од косопствениците на “Тримод тим”,и преку него ќе се запознаеме повеќе со оваа компанија: “Додека моите колеги и пријатели, размислуваа за живот таму некаде далеку од овде, јас со неполни 25 години ангажиран на повеќе работни места, размислував за нешто сосема поразлично. Како последен “Дон Кихот”, со голем ентузијазам и оптимизам, заедно со истомисленик, се охрабривме да основаме компанија во областа што не е вообичаена за Македонија и Балканот генерално. И не згрешивме.”

МД:Стојчевски кога ве запознав пред година и пол, со себе носевте една “луда” идеја, дека ако се сака се сè може во Македонија, па дури и успех во областа на технолошко – техничката развојна индустрија, и тоа без финансиска помош од поголема корпорација, туку самостојно. Од оваа временска дистанца може ли да констатираме дека “Тримод тим” е тој успех и на дело?

Б.С:Вистина е дека ние стартувавме без никаква надворешна финансиска помош, односно почетниот капитал за отпочнување беше од наши, индивидуални кредити, а тоа овозможи еден долгогодишен сон. Отворање на приватен бизнис секако е сон за многумина, сон кој многу лесно може да се претвори во кошмар. Секој ден е мала борба од која треба и мора да се излезе како победник, а веќе следното утро се тргнува од нула со поглед кон иднината. Со други зборови, сакам да кажам дека почетоците на ваква компанија во Битола се тешки и макотрпни, но во нашиот речник не постои збор “откажување”, па еве од денешна временска дистанца, слободно може да речам дека тоа е единствениот пат кон успехот. Со секој новозавршен проект си докажуваме дека “Тримод”расте и се претвора во она што сакавме да го видиме.

МД:Вашиот тим делува како компактна единка од повеќемина.Работите секој во својата област но крајниот производ е токму збир на квалитетот и професионализмот на тимот. Која е вашата тајна во пронаоѓањето партнер во “злосторството” кој носи успех?

Б.С:
Кога размислувавме за наша компанија, тоа секогаш значеше “мала фабрика” за идеи, нови и креативни решенија од областа на PCB дизајн и дизајн на електроника и софтвер, како и унапредување на веќе постоечки процеси на паметни уреди и производство. Конците главно ги влечеме мојот колега и коосновач, Горан Веловски и јас, но тоа е само еден дел од поголемиот мозаик. Неколкуте млади луѓе со кои соработуваме се дел од нашата крајна цел, а тоа е модерна компанија во која ќе владее западноевропски дух на работа. Тоа значи слобода и раскрилување на креативноста, флексибилно работно време и најважно од сè слух за нови идеи и креативни решенија.Тајна за воспоставување на врски и соработки не постои, напротив, нашата искреност, професионалниот пристап за секој еден проект, па чинел тој и10денари или долари, нè прави да отскокнеме од сите други. Горди сме и со право велиме дека нудиме брза и ефикасна услуга. Тоа секогаш било и ќе биде препознатливо за нас, затоа што корисниците го ценат.

МД:Иако сте повеќемина секој еден од вас за “Тримод” зборува како за свое чедо. Што во основа “Тримод” покажа за почеток во областа на технолошко – техничката развојна индустрија? Како реагираа клиентите кои денес ги имате се повеќе а на почеток ве гледаа како група млади ентузијасти?

Б.С:Засега нештата во основа се поделени. Од една страна работиме со странски фирми и поединци кои од нас најчесто бараат реализација на нивна идеја. Тука до израз доаѓаат нашите вештини од PCB дизајн, дизајн на електроника и хардвер. Резултатот од сето ова се преку 150 поголеми и помали проекти за една година, применливи во различни сфери од животот како паметни контролери за автоматизација на домот, безжична контрола на системи за наводнување, модуларни роботи, па сè до редизајн на добропознатата рубикова коцка.

Вториот “фронт на кој што војуваме” е воспоставување на професионални контакти и соработки со домашни компании и индивидуи. Тука пред сè мислам на сервисирање и унапредување на веќе постоечки CNC машини кои се вклучени во производство на храна, печатена хартиена амбалажа, лимена амбалажа, најлон, облека и машински делови. Позитивно сме изненадени од реакциите на наши, македонски поединци кои во нас го гледаат конечното реализирање на нивните замислени продукти. Она што со години го гледале на Интернет, она со што се занимавале само големи, странски компании сега го нудиме и ние, а тоа им причинува огромна среќа.

МД:Претпоставувам ќе беше најлесно како и многумина да ги соберете куферите и да заминете на “запад”? Но вие решивте да останете дома во Македонија, во Битола, и западот да го донесете тука. Од каде таа перспектива на поглед кон нештата?

Б.С:Додека сите мои колеги и пријатели размислуваа за живот некаде далеку од овде, јас со уште еден оптимист и интузијаст кој има слични вештини со моите, тргнавме по еден авантуристички пат. Секој еден што заминал да работи и живее некаде надвор, ги знае убавите, позитивни, но секако и помалку убавите, односно негативни аспекти на туѓината. Јас лично она што го видов и доживеав во Линкопинг, Шведска посакав да го прилагодам и донесам во Македонија, во Битола. Верувам дека Запад не е само географска одредница, туку начин на размилување по кој искрено се водам. Отвореноста на умот не треба да има граници, бизнисот уште помалку. Наша иднина не се само балканските земји, туку светот. Денот кога “Тримод” ќе го гледаат како успешна компанија и тоа не само во Македонија, ќе биде ден во кој најмногу ќе се радувам.

МД:“Тримод” во областа на технолошко – техничката развојна индустрија за прилично краток период со ограничени ресурси но многу голем ентузијазам започна “опасно” да им конкурира и на поголемите компании. Која е тајната формула во успехот? Кога последно се видовме оваа зима ме убедувавте дека печка на пелети е “смешна” конструкција се додека за 30 минути не склопивте свој сопствен прототип кој функцинонираше. Каде е границата во она што го работите?

Б.С:Точно така. Можеби звучи нескромно, но реално компании како нашата, за жал, се реткост на овие простори. Во последните неколку месеци со помош на интернет промоција, почнавме да соработуваме не само со битолски клиенти, туку и фирми од Скопје, Тетово, Куманово, Струга, Охрид, Крушево и Македонски Брод. Она што ние го имаме и нудиме на пазарот за некои изгледа нестварно и “американски”.
Се сеќавам на печката на пелети којашто ја дизајнираме и реализираме, посакуваме да биде производ лесно достапен за секој дом. Она на што сега размислуваме е како до поефикасно производство на зелена енергија и еколошки транспорт.
Граница е човековиот ум. Луѓето сами си поставуваат граници, а тоа е нешто кое се обидуваме да го надминеме. Сонувам и во главата веќе имам конструирано водни и ветерни турбини за струја кои ќе бидат наш, македонски производ, а во утробата ќе го имаат нашиот веќе дизајниран и уникатен генератор. Следуваат идеи за алтернативни превозни средства, зелени автомобили на батерии и трицикли на струја. Верувам дека во скоро време она што го гледаме во научнофантастичните филмови ќе стане реалност.

МД:Честопати за одреден успех знаете да кажете “произлезено од лабораторијата на “Тримод””. И пристапот е сериозно на тоа завидно ниво кога работите проект,но зошто е тоа така?

Б.С:Убаво сте забележале. Постојано потенцираме дека ова сè уште не компанија за сериско производство, туку за индивидуално дизајнирани производи. Секој проект е приказна за себе. Во тоа е убавината, а истовремено и тежината. Кога нешто се произведува сериски, станува рутина, кај нас тоа не е случај. Затоа гордо велиме дека нашата лабораторија е место во кое секојдневно се развиваат нови, оригинални и автентични дизајни за производи.

МД:И воопшто не сте препознатливи т.е. наметливи како некој кој го остварува полека но сигурно сонот. Дали Стојчевски и го живее својот сон? 

Б.С:Не би рекол дека ова што го живеам е мојот сон, но секако е негов почеток. Свесен сум за сите предизвици и препреки кои се пред нас, но тоа воопшто не ме плаши. Може да кажам дека пред две години сонував за сопствен бизнис, работно време кое мене ми одговара, реализација на проекти во кои јас верувам, а не ми ги наметнал некој претпоставен. Тој дел од сонот стана реалност и среќен сум поради тоа. Сега сонувам за нешто поголемо, фирма која ќе биде бренд и синоним за напредни технологии. Компанија во која сите вработени би работеле со полна пареа, градејќи своја професионална кариера. Јас таква фирма не успеав да пронајдам, па затоа решив да ја создадам. Тоа е мојот сон.

МД:Неодминливо е повторно од друг агол да прашам, зошто интелектуалниот потенцијал кој го имаме во Македонија го бира полесниот пат и мигрира на запад. Што е она што вас ве мотивира да останете тука. Да бидете успеши и скромни. Да создавате македонски производи во Македонија од областа на технолошко – техничка развојна индустрија?

Б.С:Секој млад човек има визија за своја иднина. Некој себеси се гледа овде, а друг некаде далеку. Никој не обвинувам. Сите се во право и грешат во исто време. Сметам дека многу млади, квалитетни и амбициозни луѓе заминуваат од овде затоа што климата за работа во странство е подобра, патот до успехот можеби е побрз, но би сакал да споменам дека им недостига претприемачки дух. Стравот за отпочнување е реален, но ако не пробаш, сигурно нема да успееш. На почеток го спомнав Дон Кихот. За некој е луд старец кој се бори со ветерници, но за други е храбар рицар кој оди и ја брани својата чест во име на доброто. Јас за себе сметам дека сум мал Дон Кихот. Од една страна “луд”, но од друга, длабоко верувам дека сето мое “лудило”ќе направи поубав и поквалитетен живот во местото каде што сме се родиле. Затоа отпочнав да го наречеме мини бизнис за сега, во време во кое повеќето заминуваат. Работам напорно, за да не мора тоа да се случува и понатаму, и “Тримод” ден поскоро да е синоним за добра работна можност.

МД:Што го сметате за мана а што за доблест. Нескромно прашање но сериозно сте енигма како просечен млад човек пронаоѓа истомисленици кои во денешно време на глобална еконосмка криза зема индивидуални кредити за почеток на бизнис за кој за волја на вистината во ниту еден момент не сте го помислиле а не употребиле зборот “неуспех”?

Б.С:Не знам дали е маана или доблест, вие ќе одлучите, а и времето ќе си каже, но тоа што не се плашам да ризикувам и храбро се впуштам во големи работи е дел од мојот карактер. Сите големи умови во свое време делувале чудно за просечниот граѓанин, но во тоа е генијалноста, нели?! Ако сите размилуваме и работиме исто, кој би правел исчекор кон ново и иновативно? Во сето ова има и порази, неуспешни идеи, но од тоа се учи. Јас сум вечен ученик, љубопитен иноватор кој сака да ги гледа нештата од поинаков агол.

 

Автор: С.Н

Опомена!!!

Поврзани вести

Translate »