Благој Нацоски – оперски пејач: “Додека не биде измислена временска машина која ќе ме врати назад во времето да запејам со Марија Калас нема да бидам целосно задоволен” - Македонија Денес

Благој Нацоски – оперски пејач: “Додека не биде измислена временска машина која ќе ме врати назад во времето да запејам со Марија Калас нема да бидам целосно задоволен”

Опомена!!!

МД:Нацоски како ја отворив вашата биографија постојано се навраќав на годиштето на раѓање колку да проверам да не читам нечија туѓа работна биографија. И без разлика што потекнувате од музичко семејство, тоа самото по себе носи предиспозиции, но да се вратиме назад. Од каде љубовта кој оперското пеење? Што беше она пресудно тоа да стане ваша животна професија?

БН:Најголемата „вина“ е кај моите баба и дедо, и кај мојата мајка се разбира. Јас често на шега велам дека моето деби на сцената се случило на 2-годишна возраст. Се работи всушност за следново: моите баба и дедо тогаш ме земале со нив на сцената да бидам дел од претставата „Паљачи“ од Руџеро Леонкавало. Самата претстава, односно приказна тоа го дозволува инаку во некои сцени од истата. Би рекол дека од тој момент буквално ми влезе „чивијата“ за оваа професија и знам дека уште како дете силно и гласно негодував доколку мојата мајка не ме носеше со себе на работа. Некаде на околу тринаесет години пак веќе бев сигурен дека сакам мојата страст да биде и моја професија. Нема ништо поубаво од тоа нешто што ви претставува страст истовремено и да ви биде животна професија.

МД:Вашата образовна патека е прилично идеалистичка. Завршувате средно музичко училиште во Скопје и заминувате во Рим, а во Италија и Шпанија ги добивате и надградбите и го усовршувате гласот. Како дојде Италија во така рана возраст и како млад човек со 18 години знае дека е подготвен за цело ова патешествие кое трае се до денес?

БН:Уште при моето школување во средното музичко училиште во Скопје дилемата каде ќе го продолжам моето образование по матурата, преовладуваше и кај мене, и кај моите родители, па и кај мојата тогашна професорка по пеење Марија Николовска. Се сеќавам во тие години беше актуелно да се оди да се студира музика во Софија, но најискрено јас за мене сакав нешто уште „поголемо“ од Софија. По карактер сум човек кој се стреми секогаш до најсовршеното, најквалитетното, најдоброто итн и затоа сакав да го продолжам моето школување во некој познат и квалитетен музички центар во Европа или САД. Имав огромна среќа да на почетокот на мојата четврта година средно училиште, во Битола биде одржан еден Мастерклас по пеење со одлични професори од Рим. Тогаш се случи „љубов на прв поглед“ обострано: јас бев воодушевен од нивниот начин на предавање, а тие пак веднаш ги проценија квалитетите што ги поседував, така што веднаш по завршувањето на студиите во МБУЦ заминав за Рим. Немав многу дилеми во одлуката тоа да го сторам, среќен сум што мојот карактер на упорен, храбар и помалку тврдоглав човек во тој момент ме однесе во најубавиот град на светот. Рим, освен доградбите и надградбите на мојот глас ми даде многу од секоја гледна точка. Тоа е град кој изобилува со уметност(и) и едноставно ја храни душата на секој човек, а особено на некој што се бави со некоја уметност.

МД:Од Италија започнува и вашата кариера која го опфаќа секој можен сегмент за оперски пејач од “А” класа. Суштината на разговорот е на оние кои ја следат вашата кариера но се во основа само аматери познавачи и вљубеници во операта да не запознаат подобро. Одигравте безброј улоги и во еден момент се поставува прашањето како се споредуваат годините па и месеците на нивна реализација, која е тајната да се запомни, научи и професионално скоро перфектно интерпретира улога кога во исто време во главата имате уште најмалку пет? Иако вие во едно дело сте отпеале и пет улоги наеднаш.

БН:Ха, интересно прашање кое помалку и ме насмејува во моментов. Зошто, бидејќи пред неколку дена на еден рецитал во Рим како бис отпеав една соло песна од Шуберт која ја немав пеено дваесетина години и неизбежно ми беше да воочам дека немав заборавено ниту запирка од истата, и што се однесува до нотите и од текстот (на германски). Додека пак, една улога која ја испеав за првпат пред две години и ја немам повторено, би рекол дека веќе осумдесет проценти веќе ја имам заборавено. Оставам на читателите да проценат на што се должи сето тоа, но во никој случај не се чувствувам стар, но би додал дека тоа можеби за овие петнаесет години имам испеано број и вид на улоги, односно претстави, кои се над просекот на повеќето мои колеги. Инаку не би рекол дека постои некоја тајна, барем не во мојот случај. Отсекогаш сум бил брз во изучувањето на делата, а тоа претпоставувам се должи на фактот што сум израснат со музика, како и на одличната музичка подготовка која имав пред се’ на студиите во МБУЦ Илија Николовски-Луј во Скопје. Како и да е, повторувајќи постојано дела кои мораме да ги изведеме на памет обврзани сме да достигнеме еден физички автоматизам содржи би рекол четири сегменти: совршена или приближно совршена вокална техника, бидејќи при изведбата се нема време за размислување каков ќе биде тонот, потоа, изведба на динамиките и на музичките изрази за кои истотака се нема време за размислување при изведбата туку тие треба бидат веќе „сварени“ од мозокот и мускулите; познавање перфектно на сценските движења, бидејќи мала деконцентрација и оркестарот е веќе еден такт понатаму и изведба на текстот со перфектна дикција и давајќи му смисол.

МД:Светот е вашата сцена по големиот број гостувања но никогаш не ја заборавивте и Македонија каде редовно сте “домашен” гостин на нови улоги или кога сте поканети за чествување на јубилеи. Но вашиот дом е во Италија. Како би ги компарирале условите за работа тука и во светот. Како имате можност со вашиот професионален ангажман да патувате и соработувате со врвни имиња од фелата што е она што своевремено го оставивте во Скопје како опера и колку тоа од оваа временска дистанца се држи или не добро со светските оперски куќи?

БН:За жал морам да констатирам дека во Скопје, односно во МОБ има се’ уште многу нешта кои треба да се променат, односно подобрат. Некои се подобрени, но некои се влошени во сиве овие години. Од моја страна секогаш сум стоел и стојам на располагање со совети за подобрување на нештата, со пренесување на моите искуства итн. Најбитните сегменти се недостигот на хармонија при работењето и недостигот на желба за креирање. Со оглед на тоа што оваа уметност за мене пред се’ е страст јас сметам дека секој што ја работи треба барем приближно на истиот начин да ја доживува. Подобрувањето најпрвин на овие два елемента би придонеле кон неколку големи чекори напред во МОБ. Од друга страна пак, морам да констатирам дека нашата единствена оперско-балетска куќа, меѓудругото и национална, го нема своето вистинско место во општеството, и што се однесува до политичарите, и што се однесува до новинарите, а како последица на тоа, ниту пак кај публиката, односно народот. Ќе повторам, тоа ни е единствена оперска куќа и треба да претставува еден вид центар на културниот живот во државата односно во Скопје. Истовремено пак, истата треба да ги отвори вратите за луѓето 365 дена годишно, односно секојдневно да се случува нешто во неа, претстави, концерти, отворени проби за публика, мастеркласови, конференции за музика и сл.

МД:Симпатичен сегмент е што вие во Италија сте Македонски амбасадор на културата а од страна на Италија сте почестени како личност која ја шири италијанската култура и италијанскиот јазик во светот. Претпоставувам ова е често прашање но сериозно се работи за ендемична појава. Како се случи ова?

БН:Напротив, вие сте еден од ретките кој ја направил оваа компарација, односно прв што ми го има поставено ова прашање. Што се однесува до амбасадорската титула од Владата на РМ пред 9 години веќе е надолго и широко познато, но за она второто признание дури и јас бев изненаден кога ми стигна писмото италијанското МНР да ме извести за тоа. Тоа веројатно се должи на фактот што јас италијанскиот јазик го говорам перфектно и пејам пред се’ на италијански низ целиот свет. Интересен е фактот пак што во истиот „кош“ на личности кои го добија тоа признание таа година е и Папата Франческо. Кога ми стигна листата беше интересно и симпатично да се прочита:
– Хорхе Бергољо од Аргентина, по професија Папа
– Благој Нацоски од Македонија, по професија оперски пејач.

МД: Имате остварено голем број на улоги со уште поголем број на соработки со врвни дигиренти, пејачи, режисери но и оперски куќи. Како тоа Нацоски на крајот го оценува? Остарувањето на сонот беше “Ла Скала” во Милано. Но што е новиот сон, која е новата цел која си ја поставувате пред себе?

БН:Додека не биде измислена временска машина која ќе ме врати назад во времето за да запејам со Марија Калас на сцената нема никогаш да бидам задоволен. Соработката со врвни колеги од целиот свет ми помогнам да созреам уметнички, а патувањата во различни средини несомнено ме збогатија како човек. Мислам дека моите космполитски предиспозиции се надѕираа уште од средношколските денови, но сега достигнав еден степен на космполитизам поради кој сум пресреќен. Видов како свират едни до други палестинци и израелци. Јас како Македонец во Дон Џовани имав грчка вљубеница на сцената и нашите национални идентитети воопшто не ни пречеа за да се сакаме на сцената. Научив дека музиката, односно уметноста, културата, различностите како и самите патувања допринесуваат кон обединување на светот и е скоро невозможно да чуете од некој музичар или пак човек што често патува, зборови со расистичка содржина.
Не би рекол дека имам некој посебен сон во моментов, односно со други зборови, јас постојано го живеам мојот сон. Работам една професија која што е благородна, уживам во патувањата. Живеам за и од музиката, која несомнено претставува еден меѓународен јазик кој успева да ги сруши сите ѕидови и сите конфликти. Истата, а особено пеењето, ги потенцираат убавините на културните разлики помеѓу народите кои обединети заедно претставуваат богатство на човечкот израз.

МД:И покрај се вие сте активни и на социјалните мрежи и секогаш сте достапни и за семејството, пријателите, но и публиката која сака да сподели впечаток или додели “критика” од аспект на лаик. Нацоски колегите од ваш калибар низ светот честопати се недопирливи за обичните смртници. Што е она што вас ве држи цврсто на земја со двете нозе?

БН:Веројатно се работи за мојата постојана желба за „нормален“ живот, односно за живот генерално. Како што споменав пред малку, јас живеам за музиката, или пак со други зборови и’ служам на истата, но никако не сум роб на професијата или на сето она што ја опкружува или пак пропратува. Ми се допаѓа да влезам во супермаркет и да се пошегувам со касиерката, да го испијам првото утринско кафе во барот во близина на мојот дом и да ги слушнам сите муабети на постарите, за тоа како лошо изиграл фудбалскиот тим претходната вечер или пак муабети поврзани со политика итн. Социјалните мрежи пак овозможуваат уште полесно да се биде во контакт со публиката денес. Секогаш се трудам да ги задоволам вкусовите и на сите фанови на моите фан страници.
Тука ќе раскажам една случка што можеби никогаш досега ја немам кажано. Имено, пред неколку години, една моја драга пријателка од Рим, организираше концерт во еден старечки дом во близината на Рим и мене немаше намера да ме вклучи во истиот. На само ја прашав зошто и таа ми призна дека и било незгодно поради мојата кариера да ми понуди такво нешто, во смисол дека би ми било под честа. Јас ја искарав и и’ реков дека со задоволство ќе пејам на таков концерт и тоа без никако надомест. Ништо нема да ме направи посреќен од тоа да успеам да придонесам да им ја разбијам монотонијата на тие возрасни луѓе.

МД: Скоро како и секоја професија иако уметниците никогаш немаат “пауза” или “одмор” и вие земате оддишка од обврските кои тешко може да се именуваат како такви како просто уживате во нив, но што е она што Нацоски го исполнува во слободното време? Што е она што е веднаш под операта по приоритетите на интерес?

БН:Здрав живот, односно добра и квалитетна храна и спорт, дружење со пријателите и се разбира Хера, мојата „божица“.

МД:Што е она што Нацоски може да го најави како следно во неговата кариера? Кој е следниот проект на кој што треба да се работи? И наједноставно прашање, со вашата кариера и колегите кои ги имате од Македонија низ светот а и овде дома сметате ли дека ви е должност операта да ја доближите малку поблиску до македонската публика? Во Скопје или Битола имаме адекватна и прилично информирана публика која знае што е софистицирано а што “фалш” но што со остатокот и што со најмладите каде можеби нескромно се крие иден Нацоски?

БН:Се разбира дека ми е должност да ја доближам македонската публика. Тука ќе се надоврзам малку на она за кое зборував пред малку а тоа е дека оваа професија е благородна, односно уметностите се благородни генерално. Во овој момент на едно глобално уназадување од културолошка гледна точка должност е на сите нас уметници што повеќе да ја привлечеме публиката. Колку повеќе Култура кај луѓето, а особено кај младите, толку подобро општество. Културата оттргнува од криминал, од расизам, од шовинизам, од национализам и сето она за кое зборував погоре. Од стриктно пејачка гледна точка пак, нема за мене поголем комплимент од кога ќе ми кажат дека мојот настап ги трогнал, или возбудил, или релаксирал или слично. Мислам дека ни е должност да правиме и луѓето да се чувствуваат подобро при нашите изведби.
Инаку одамна ми се врти во главата идеја да изведам концерти во што е можно повеќе македонски градови, што значи не само Скопје и Битола, или Охрид. Кај најмладите пак, искрено се надевам дека се кријат повеќе исклучителни таленти, но кои ќе бидат уште поуспешни од Нацоски. Мислам дека има во Македонија таленти со прекрасни гласови, треба само да бидат правилно насочени и да имаат повеќе храброст да се втурнат во овој свет. Со други зборови сакам да кажам дека само убавиот глас не е доволен за успех, мора да се негуваат повеќе компоненти. Од моја страна, јас секогаш сум стоел и ќе стојам на располагање на помладите во Македонија за совети, упатства или слично околу тоа како (или каде) да продолжат понатаму.

Разговараше: С Н

Опомена!!!

Поврзани вести

Translate »